| четврток, 6 декември 2018 |

Струјата наскоро поевтинува?

struja

Речиси двојно е намалена цената на електричната енергија на берзите. Експертите очекуваат цената да се намали веќе на следната корекција од регулаторите.

Ако на тоа се додаде и едукацијата за енергетска ефикасност како и сѐ поголемиот интерес кај граѓаните за сончевите колектори – очекувано е за експертите цената на струјата да се намали на следната корекција од регулаторите. Енергетските компании веќе ги подготвуваат пресметките, а ЕЛЕМ најави дека деновиве ќе ѝ ги достави на Регулаторна.

– Во делот на потребите во светски размери берзантската цена е веќе од 65 до 85 евра по мегават-час, така што очекувањето што го имавме пред две години кога имавме 120 евра по мегават-час позитивно нѐ изненади сите, со рестрикциите, со едукација за енергетска ефикасност успеано е на светски размери да се намали побарувачката и потрошувачката на електрична енергија. Така што мислам дека цената на чинење, која минатата година беше зголемена, оваа година, најверојатно, ќе биде намалена – вели Лазар Гечевски од Агенција за енергетика.

За да се намали увозната зависност, но и да се исполни обврската од протоколот 20 20 20 Македонија за седум години 20% од електричната енергија треба да произведе од обновливи извори. Македонија, по Калифорнија, е втора во светот по пикот на сончево зрачење, но речиси незначително е искористувањето на потенцијалот.

– Македонија има 1500 киловат-часови на  квадратен метар годишно, ние искористуваме помалку од 0.00% затоа што нема доволно свесност кај населението и крајниот потрошувач нема доволно поврзаност меѓу експертите, консултанти, професори, производители, инсталатери и многу институции како МАНУ, но меѓу себе треба да се направи меѓусебна координација.

Стимулативните мерки во Македонија постојат, но треба да се подобрат од аспект на поврзаност на стимулативна мерка со квалитет на инсталиран систем – вели професорот Илија Насов.

Експертите бараат повеќе стимулации. Од вкупно 600 илјади домаќинства во Македонија само 3000 користат сончеви колектори. Ако сите инсталираат колектор, годишно ќе се заштедат 144 илјади мегават-часови струја или 80 милиони евра. Досега субвенции од 300 евра добиле околу 2000 домаќинства.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top