| четврток, 6 декември 2018 |

АХВ: Месото на македонскиот пазар е безбедно, засилени се инспекциските контроли

­

meso

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска соопшти дека ги засилила инспекциските контроли на официјалните ветеринари на граничните премини по добиената информација дека во пристаништето во Бар во Република Црна Гора е пристигната пратка со замрзнато месо од 1982 година.

Засилени се и контролите со трговијата со месо и преработки и подготовки од месо и на домашниот пазар, соопшти АХВ. Апелираат до медиумите и до граѓаните да не се создава паника дека месо од ваквата пратка ќе дојде до македонскиот пазар.

– Месото, подготовките и преработките од месо што се продаваат во Македонија се безбедни, без оглед дали станува збор за производи од домашно производство или од увоз – се вели во соопштението.

АХВ истакнува дека увозот на месо и производи од се врши само од одобрени земји и објекти за увоз, задолжително проследени со ветеринарно здравствен сертификат со кој се гарантира безбедноста на пратката, како и дека инспекциските служби на Агенцијата на граничните премини вршат задолжителна контрола на секоја увозна пратка.

– Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и физички преглед на пратките, а при сомнеж и при реализација на мониторинг програмите се земаат и мостри за лабораториско испитување. За ваквите пратки не се дозволува увоз во земјава, односно пратките се ставаат под надзор, се додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува нивната безбедност – појаснува АХВ.

Апелира до граѓаните и до операторите со храна, доколку имаат сознанија дека небезбедно месо или било кој друг производ се наоѓа на домашниот пазар да го пријават писмено или лично во Агенцијата за храна и ветеринарство, како и на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22 или на електронската адреса на Агенцијата за храна и ветеринарство info@fva.gov.mk.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top