Бојан и Горазд Стојмирови се браќата кои настапуваат заедно под името „Duo Z“. Едниот е средношколец и има 15 години, а другиот 20. Досега настапувале на сите фестивали во Македонија и имаат многу фанови меѓу помладата популација. Со нив поразговаравме за љубовта кон музиката, каква музика сакаат да слушаат, настапите…
Двајца браќа и двајцата Ди-џеи… Кажете ни од каде љубовта кон музиката? Од кога се занимавате со музика? Кој беше првиот ди-џеј од вас, па го „зарази“ со тоа братот?
– Хмм! Се започнува од нашиот татко, тој бил помеѓу првите диџеи во Скопје со што најверојатно гените се префрлиле и кај нас. Се занимаваме со музика веќе три години, по професионално последнава година. Првиот диџеј од нас е Бојан (постариот), после нешто околу една година го заразува и другиот брат, Горазд!
Настапувате под името „Duo Z“. Како го избравте? Што значи тоа? Има ли некоја симболика?
– Многу просто и едноставно, самото име е симбол на нешто заедничко, или искуството кое го споделуваме и воедно уживаме во него. Лесно разбирливо, а ни дојде само од себе!
Досега сте настапиле на речиси сите фестивали во Македонија. Можете ли да се сетите кој беше Вашиот прв настап? Имавте ли трема? Како успеавте да станете од списокот на тој прв настап?
– Се започнува од Пиволенд 2015, каде видовме дека има можност за пријавување на Бла Бла стејџот иако веќе продуциравме музика. За наша среќа бевме прифатени и добивме шанса да ја пуштаме нашата музика на Пиволенд и добивме резултат што не го очекувавме. Одеднаш местото каде што беше бината се наполни со голема брзина. Се разбира дека имавме многу трема, Горазд особено бидејќи тоа му беше и неговиот прв настап.
Што подготвувате во моментов? Кој е Вашиот следен настап?
– Во моментов се трудиме максимално со продуцирање. Надвор е ладно, па мора да се седи во студио! Исто така, работиме и на настапи, а следниот настап е на 17/11, во четврок, во „Радио Бар“ каде што би ни било чест да присуствувате, имајќи ја можноста да ги споделиме нашите чувства со вас преку музиката!
Имате ли некој идол од светската сцена?
– Од светската сцена има многу луѓе кои може да се наречат „идоли“, сите си ја раскажуваат својата приказна, а луѓето различно ја прифаќаат. Па така и ние, сепак тоа е светска сцена и не се работи само за искуството во пуштање или продуцирање музика.
Има ли кај нас едуцирана публика за вакви настапи? Во време кога царува турбо-фолк, имате ли идеја како да победи квалитетната музика?
– Се разбира дека има, но сите тие луѓе се мала бројка. Проблемот не се состои во самата публика, иако се разбира голема улога игра и вкусот на музиката, но самиот пристап на „менаџерите“ во Скопје е лош во претставување на ваквата музика. Многу голем напредок овозможуваат фестивалите, но и тие треба да бидат почести, се со цел да се долови музика од светски размери во оваа мала и чудесна земја, иако истото се трудиме да го направиме и ние!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.