| четврток, 6 декември 2018 |

Засега нема услови за формирање национален авиопревозник

Во овој момент нема услови, ниту е одржливо Македонија да формира национален авиопревозник, соопштија генералните директори на ТАВ Македонија и Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), Зоран Крстевски и Горан Јандреоски,  по последната анализа направена минатата година.

– Темата околу националниот авиопревозник е поврзана со локалните трендови. Националниот превозник како категорија, односно формирањето авиокомпанија од страна на државата како тренд, е напуштено. Приватизацијата е доминантен фактор на формирање авиокомпании, а друго прашање е дали државата ќе одлучи на крилата од авионите на некоја компанија да го аплицира своето знаме, посочи Крстевски.

Според него, секоја иницијатива што ќе значи влез на нова авиокомпанија во која било форма, е добредојдена и ТАВ е подготвен да ја услужи.

– Првата анализа направена од консултантот кажува дека не е одржливо да се формира национален авиопревозник под сегашните пазарни услови, сообраќајот, капацитетите,… Консултантот имаше задача да направи проценка дали е одржливо Македонија да оди со формирање национална авикомпанија, знаејќи ги трошоците за кадар, инвестирање во авиони, преговарање со потенцијални партнери за сите слободи кои треба да се дозволат,…, напомена Јандреоски.

Не постои полош управител на авиокомпанија од државата, а друго е, рече, кои се државните интереси.

– Не се откажуваме, но под условите кога е правена анализата минатата година, се покажа дека формирањето национална авиокомпанија не е одржливо. Во 2017 година не е планирана нова анализа. Можно ќе биде да се прави наредната ако порастот на патници е доволно голем. Само во тој случај би имало логика, подвлече генералниот директор на АЦВ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top