Паузата од страна на Русија во воздушните напади врз источниот дел на Алепо кој го држат бунтовниците, донесе краток здив за цивилите и борците кои се под опсада во овој сириски град.
Најмалку 250.000 луѓе се заробени таму речиси секојдневно откако провладините сили го опкружија областа во јули. Се зборува дека условите се исклучително тешки, а деструкцијата е од масовен обем.
Читателите побараа од нас да дознаат зошто луѓето се уште живеат таму, па им го поставивме ова прашање на жителите преку Фејсбук и ВотсАп.
Кој живее во Алепо?
Поранешната сириска економска крстосница, Алепо, пред почетокот на војната имаше скоро два милиони жители. Сега околу еден милион живеат во западниот дел од градот, во споредбено побезбедни услови.
Оние кои се заробени на истокот живеат во исклучително тешки услови. Шефот на хуманитарците на ОН, Стефан Обраен, неодамна ја опиша областа како „центарот на хоророт“.
Храната и горивата брзо исчезнуваат, а главната јавна инфраструктура и здравствената грижа се драстично осакатени. Бунтовниците продолжуваат да го гранатираат западниот дел од градот – што резултира со цивилни жртви – но ова е од помал обем.
Зошто луѓето не бегаат од Алепо?
Главната причина зошто луѓето таму се уште не заминале е затоа што се заробени, ни рекоа тие. „Некои жители си заминаа пред опсадата. Сега никој не може да замине“, рече Мохамед, 31-годишен професор по фонетика на универзитетот во Алепо.
Луѓето внимаваат да не ги трошат батериите во телефоните затоа што секој ден има само по неколку часови струја во овој дел од градот. Сепак тие се уште можат да добиваат пораки од надворешниот свет. Триесетгодишниот Др. Осама е само еден од триесетина лекари кои останаа да се грижат за 25.000 жители на источен Алепо. Тој ја опишува загрижувачката ситуација:
– Градот е целосно под опсада. Нема храна, нема струја, ниту вода за пиење, нема патишта кои водат надвор од Алепо. Општата ситуација е многу опасна. Секоја секунда можете да бидете погодени од граната или од снајпер“.
Дваесетишестгодишната Фатех, кој е наставничка, вели дека никогаш не очекувала дека опсадата ќе се случи.
– Целото мое семејство си замина пред три години и заминаа за Египет и Турција. Останав дома бидејќи сакав да ги завршам студиите на универзитетот во Алепо. Не замислувавме дека ќе паднеме под опсада. Не мислевме дека режимот ќе го стори тоа. Пред опсадата, имаше храна и лекови и се навикнавме на бомбардирањата. Сега тие се многу поопасни“.
Сириската влада и нејзините руски сојузници повремено отвораат „хуманитарни коридори“ за цивилите да заминат. Но, има голем скептицизам меѓу жителите од источен Алепо колку се навистина сигурни тие рути.
– Режимот лажеше дека создава хуманитарни коридори, рече Абдулкафи, кој предава англиски јазик на универзитетот. „Ако сте дома со вашето семејство и крадец влезе и ги убие вашиот син и ќерка, и потоа по десет дена ви каже дојдете кај мене на гости, ќе му поверувате? Претседателот Асад и Русите убиваат цивили и сега велат ајде поминете. Како да го изведеме тоа? Избираме да јадеме лисја од дрвја отколку да се вратиме назад“.
Абдулкафи живее три години во Алепо. Пред бунтот, тој предавал во друг град. Присуствувал на демонстрациите против претседателот Асад.
– Ме обвинија и побегнав од Алепо. Режимот на Асад сите не смета за терористи. Ќе умреме баренејќи се самите себе. Не сум борец, но ќе се борам до смрт“.
Некои во источен Алепо потенцираат дека ако избегаат од домовите и станат бегалци ќе биде голема грешка, дури и ако не се заробени како сега.
– Многу важна причина зошто луѓето останаа тука е затоа што се многу сиромашни, вели Фатемах. „Немаат пари да изнајмат куќа на друго место или да си купат храна, немаат пари дури ни ја напуштат Сирија за Турција или некоја друга држава“.
„Ова е мојата земја“
Сите со кои зборувавме исто ни рекоа дека ќе продолжат да одбиваат да го напуштата Алепо затоа што е тоа нивниот дом.
– Алепо е мојот живот и мојата земја. Како да ја напуштам?, прашува Фатемах.
– Луѓето кои останаа тука се цивили. Тие не се борци – тие само сакаат слобода од режимот. Мохамед додава дека „ова е наша земја и таа ни припаѓа нам. Асад сака да не истера од нашите домови и да не исели. Луѓето сакаат да си ги задржат своите домови. Тоа е јасно како ден. Мојата жена е бремена во седми месец и е во голема опасност, посебно сега кога сме под опсада. Таа е многу исплашена и загрижена што секој ден е последен во нашите животи. Таа само сака да доживее да го види нашето бебе“.
Исмаил е волонтер за Белите шлемови, кои спасуваат луѓе од места кои се бомбардирани. Тој ни кажува дека никогаш нема да си замине.
– Останувам будејќи ова е моја земја и мој град. Ова е мојот дом. Немаме што да јадеме. За помалку од еден месец ќе нема ниту леб, ниту горива. Нашата најголема надеж е дека опсадата ќе биде сопрена. Но ние не бараме леб ниту храна, сакаме слобода и социјална правда“.
– Многу луѓе избираат да умрат во Алепо отколку да го напуштат, вели др. Осама. „Ако заминеме од Алепо, ќе го загубиме домот, а нашиот дом е нашиот живот… а режимот и Русите ќе победат“.
Го интервјуиравме Абдулкафи додека им предаваше англиски јазик на деца. Тој го праша Хамад, момче од неговиот клас, дали сака да си замине од градот.
– Не, се разбира нема да си одам, одговори Хамад. „Тука живеам и тука ќе останам,. Ова е мојата земја“.
Како и со другите луѓе, разговаравме и со Абдулкафи, кој има осум месечна ќерка, и кој рече дека ќе остане во Алепо, без оглед на тоа што ќе се случи.
– Опасноста е насекаде – но слободата ја нема никаде. Луѓето останаа тука бидејќи први побаравме слобода. Не може само да си заминеме. Крвта на децата кои загинаа нема да ни прости. Луѓето кои сега страдаат нема никогаш да ни простат. Да се биде слободен е поскапоцено од што било на земјава“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
САД воведоа нови санкции за Русија, Москва смета дека е реванш за Сирија
-
Нови напади на Сирија: Соборени 9 ракети (видео)
-
Сирија од минута во минута: Асад порача: Сиријците не се плашат од НАТО, сега видовме дека оружјето им е застарено! (видео)
-
Српски дипломат тврди: Се знаеја и времето и метите за нападите во Сирија!