| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов му честиташе на Обама

obama1Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов упати честитка до претседателот на САД, Барак Обама, по повод неговата свечена инаугурација и официјален почеток на вториот мандат како претседател на Соединетите Американски Држави.

Во честитката се вели реизборот на оваа одговорна функција ја одразува вербата на граѓаните во Обама како личност и во неговата визија и искрените идеи и заложби за обезбедување на натамошен просперитет и на еднакви можности за сите.

„Преку Вашата доследна и темелна посветеност во решавањето на внатрешните и надворешните предизвици, граѓаните на Соединетите Американски Држави, но и светот како целина, добија посветен и искрен пријател, кој има волја и знаење за успешно справување со горливите светски прашања“, се вели во честитката од Иванов до Обама.

„Ангажманот на Вашата држава на глобален политичко-безбедносен план е од исклучително значење. Бидете уверени дека Република Македонија останува стабилен и доверлив партнер и пријател на Соединетите Американски Држави, во насока на севкупните заложби за мир и безбедност, слобода и демократски просперитет на сите народи на светот, како и во активностите насочени против тероризмот и сите универзални закани по светскиот мир“.

Иванов во честитката до Обама по повод почетокот на вториот мандат вели дека очекуваме натамошен заеднички ангажман и соработка, насочени кон јакнење на досегашниот квалитетен и плоден политички дијалог меѓу двете држави, како и цврста соработка на мултилатерален план, особено во рамките на НАТО.

„Ве уверувам дека Република Македонија останува силно посветена на заложбите за полноправно членство во Алијансата“, пишува во честитката  која што претседателот Иванов ја упати до претседателот на САД по повод инаугурацијата на Барак Обама.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top