Фудбалската арена „Филип Втори“ ќе добие посебен простор за сместување на телевизиските возила и опрема при преносите од спортските натпреварувања. На локацијата на Кејот на Вардар, веднаш позади терените на ФК „Вардар“, предвидено е да се изгради TV Compound на површина од околу 3.000 метри квадратни.
Овој простор ќе има и компатибилна намена, па така, во деновите кога ќе нема фудбалски преноси, на локацијата ќе се простираат два теренски терена. Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) веќе го склучи договорот за реализација на проектот.
За изведувач на работите е избрана фирмата „Жикол“ од Струмица, на која ќе и бидат исплатени 20.507.503 денари. Градежниот зафат треба да се заврши во рок од 90 дена. Целокупниот простор треба да биде подготвен пред одржувањето на УЕФА супер купот во фудбал во август 2017 година. Изградбата на посебен простор за телевизиските возила и опрема е дел од критериумите зададени од УЕФА за одржување на најавениот фудбалски спектакл во Скопје. Тендерот за реализација на зафатот беше распишан кон средината на септември годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.