| четврток, 6 декември 2018 |

Терористите користат хемиско оружје во Алепо

Руските офицери откриле докази дека терористите употребуваат хемиско оружје во југозападниот дел на сирискиот град Алепо, изјави денеска портпаролот на руското Министерство за одбрана генерал-мајорот Игор Конашенков.

Тој наведе дека офицерите од Националниот воен центар за радиоактивна, хемиска и биолошка заштита откриле докази дека терористите употребувале хемиско оружје против цивилите и сириските војници.

Конашенков додаде дека војниците нашле неексплодирана артилериска муниција на терористите со хемиски средства и земале примерок од површината на местот на нивната примена.

– По спроведувањето на брза анализа во мобилна лабораторија утврдено е дека токсичните материи со кои биле исполнети артилериските гранати на милитантите, со голема веројатност претставуваат хлор и бел фосфор, објасни Конашенков.

Претходно е објавено дека заедничката мисија на ОН и Организацијата за забрана на хемиското оружје, по истрагата за употреба на хемиски супстанци во воени цели во Сирија, потврди дека Дамаск е одговорен за два од деветте хемиски напади кои се истражени, додека еден од нападите е извршен од страна на ИД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top