| четврток, 6 декември 2018 |

„Енергетска математика“ на ЕВН Македонија наградена со престижната награда „Голден ворлд аворд“

Агенцијата за комуникациски менаџмнет и односи со јавност „Имиџ ПР“ ја доби високата награда за комуникацискиот проект „Енергетска математика“ од Интернационалната асоцијација за односи со јавност – ИПРА (The International Public Relations Association), со што Македонија првпат е ставена на мапата земји-добитнички на оваа престижна награда од областа на односите со јавноста.

Комуникацискиот проект „Енергетска математика“ ја доби престижната награда „Голден ворлд аворд“, што ја доделува Интернационалната асоцијација за односи со јавност – ИПРА, во категоријата „Односи со заедницaта“. Ова е прва престижна награда доделена од ИПРА, што ја добива проект од Македонија.

Наградата за „Енергетската математика“ ја доби Агенцијата за комуникациски менаџмнет и односи со јавност „Имиџ ПР“, а во реализацијата на креативниот и продукциски сегмент работеше и тим на адвертајзинг агенцијата „Идеја плус комуникации“ од Скопје. „Имиџ ПР“ е водечка агенција за комуникациски менаџмент и односи со јавност во Македонија, основана во 2002 година, како прва специјализирана агенција од оваа област.

Според оцените на стручното жири на ИПРА, проектот „Енергетска математика“ покажал извонредни комуникациски резултати, интерактивност и иновативност, со што се исполнети највисоките професионални стандарди. На свеченото доделувањето на наградите што се одржа во Доха, Катар, председателот на ИПРА Барт де Врис истакна дека годинава, при оценување на пристигнатите решенија, стручното жири оценило дека победничките проекти покажуваат голем напредок во сегментите на мерливоста и анализите на резултатите.

„Енергетска математика“ е дел од Платформата за енергетска ефикасност, што ЕВН Македонија ја спроведува од 2012 година заедно со Министерството за економија и Агенцијата за енергетика на Република Македонија, а чија цел е поголема примена на енергетската ефикасност во сите сегменти од современото работење и живеење.

„Енергетската математика“ е комплексен комуникациски проект кој преку различни канали на комуникација ја пренесува главната порака за „вредноста“ на електричната енергија изразено преку  киловат час и начините на кои може да се рационализира потрошувачката во секојдневниот живот. Комуникациските средства подготвени на едноставен и секому разбирлив јазик покрај другото опфаќаат: осум филмувани епизоди од секојдневиот живот на просечното семејство Јаневи и Адеми, кои се емитуваа на македонски и албански јазик, вклучување на младата публиката преку интеракција на социјалните медиуми, едукативни работилници за заинтересираната јавност, надворешно огласување, радио пораки, телевизиски видео материјали итн. Енергетската ефикасност е тема која покрај тоа што има големи ефекти врз животната средина, значајно влијае и на семејниот буџет.

Меѓународната организација за односи со јавност – ИПРА е основана на 1 мај 1955 година во Лондон, каде што и денес се наоѓа седиштето на организацијата. Иницијативата за основање на оваа организација потекнува од практичарите за односи со јавност од Холандија и Велика Британија. Денес, ИПРА е најголемата светска организација за односи со јавност во која членуваат практичари од оваа област од целиот свет. Како независна организација, ИПРА е активна и организира низа настани во насока на подигнување на стандардите во професијата, едукација и размена на идеи и искуства помеѓу професионалците од оваа област од целиот свет. ИПРА, како професионална организација, е признаена и од Обединетите нации и има советодавен статус во Економскиот и Социјалниот совет (ECOSSOC), како и во УНЕСКО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top