На годинешниот филмски фестивал на европскиот филм, „Синедејс“, ќе гостуваат два исклучителни филма во кои како копродуцент се јавува продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“. Имено, едни од најреномираните претставници на романското и на словенечкото кино ќе бидат гости на Фестивалот „Синедејс“ и пред македонската публика лично ќе ги претстават своите најнови филмови. Станува збор за Кристи Пују од Букурешт, а од Љубљана ќе допатува Дамјан Козоле.
Кристи Пују е првпат во Македонија и ќе го претставува својот последен филм „Сиера Невада“, копродукција меѓу Романија, Франција, БиХ, Хрватска и Македонија. Филмот беше прикажан на Канскиот филмски фестивал каде доби ласкави критики во најважните светски медиуми. Неодамна, на 52. Филмски фестивал во Чикаго, филмот ја доби главната награда за најдобар филм „Златен Хуго“, како и „Сребрен Хуго“ за режија. Филмот, во многу силна конкуренција е избран за романски кандидат за Оскар за 2016 година. Од креативниот придонес во оваа копродукција да го истакнеме учеството на нашиот млад режисер Иво Бару како асистент на режија на овој филм, како и Мојца Горогранц Петрушевска – раководител на одделот шминка, и во одделот на звук работеше Атанас Георгиевски – Фаца. Проекцијата на „Сиера Невада“ е закажана на 11 ноември од 20 часот во кино „Милениум“.
„Сиера Невада“ е филм што ги разоткрива предизвиците на современото романско општество да се приклучи на глобалните текови сè уште влечкајќи ги оковите на минатото. Три дена по терористичкиот напад на канцелариите на парискиот неделник „Шарли Ебдо“ и четириесет дена по смртта на татко му, Лари, доктор во четириесеттите години се подготвува да ја мине саботата на семејниот собир во чест на починатиот. Но настанот не се одвива според очекувањата. Принуден да се соочи со сопствените стравови и со минатото, и да ја преиспита сопствената улога во семејството, Лари не знае дали да ја каже неговата верзија на вистината.
Кристи Пују е роден во Букурешт во 1967 година. Како режисер и сценарист има потпишано неколку филмови, меѓу кои и „Смртта на г-дин Лазареску“ (2005), за кој доби 47 фестивалски награди, како и наградата „Посебен поглед“ на Канскиот филмски фестивал. Оженет е со филмската продуцентка Анка Пују и имаат три деца.
Дамјан Козоле доаѓа за македонската премиера на својот најнов филм „Ноќен живот“, копродукција меѓу Словенија, БиХ и Македонија. Филмот беше прикажан во главната програма на престижниот фестивал во Карлови Вари каде го освои Кристалниот глобус за режија и симпатиите на критиката и публиката. Во филмот учествува голема македонска екипа, пред сè актерот Петар Арсовски, потоа Иво Трајков како монтажер, Мојца Горогранц Петрушевска – шминка, користена е и музика од Сашко Костов, сцецијалните ефекти во 3XFX студиото, асистент на камера е Маријан Боцевски, асистент на сценографијата е Бобан Петрушевски, дел од звукот е работен во Аудиохаус од Игор Поповски. „Ноќен живот“ ќе биде прикажан на 12 ноември од 21 часот во киното „Фросина“.
Во „Ноќен живот“, преку една бизарна случка напукнува фасадата на уредно нормираниот живот и се соочуваме со затскриената страна на длабоки интимни превирања. Високопрофилиран адвокат е пронајден на тротоарот крај една од главните улици во Љубљана. Едвај свесен, лежи во баричка крв,целиот искасан од кучиња. Докторите во медицинскиот центар се борат да го одржат во живот, додека неговата сопруга е во шок, соочувајќи се со своите најдлабоки стравови. За време на оваа ноќ таа ќе го сруши секој морален стандард за кој цврсто се залагала во животот.
Роден 1964, Дамјан Козоле, е еден од водечките словенечки и балкански филмски автори, чии проекти секогаш зборуваат за актуелни теми на современото општество. Сите негови филмови имаат доживеано големи постигања, како фестивалски така и во однос на дистибуцијата во Европа. Веројатно најбележит проект е „Резервни делови“, кој беше прикажан во главната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал и дистибуиран во 15 европски земји.
Долгогодишната и продлабочена словенечко-македонска филмска соработка има донесено многу, а овој филм секако е меѓу посветлите мигови од таа богата традиција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.