Најмногу дожд во изминатите 24 часа паднал во Маврово – 30 литри на квадратен метар, потоа во Лазарополе 19, во Дебар 14 и во Пожаране 10 литри на квадратен метар, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје – Петровец и во Куманово наврнал еден литар на квадратен метар, во Претор, Тополчани, Охрид и Прилеп 2, во Крушево 3, и во Тетово и Скопје-Зајчев Рид 4 литри на квадратен метар.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. На места ќе биде нестабилно облачно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а можна е ретка појава на град. На повеќе места врнежите ќе бидат обилни, особено во западните делови од земјава каде што се очекува да наврнат околу 60 литри на квадратен метар. Ќе дува умерен, повремено и силен ветер од јужен правец, повеќе ќе биде изразен во јужните и во западните делови од земјата. Максималната температура ќе биде во интервал од 17 до 25 степени.
Утре времето ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. На места врнежите ќе бидат поројни, проследени со грмежи и со засилен ветер, во форма на невреме и со услови за изолирана појава на град. Нестабилноста ќе биде позастапена во источната половина на земјава.
В четврток врнежите ќе бидат со слаб интензитет, а на повисоките планини ќе преминат во снег. Променливо облачно и врнежливо ќе се задржи и во наредните денови, а температурата ќе биде во опаѓање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.