Покрај во основното образование од следната учебна година програмата „Кембриџ“ ќе почне да се спроведува и во средното образование. Договорот меѓу МОН и Меѓународниот центар за наставни програми на „Кембриџ“ беше потпишан денеска.
Прво програмата ќе се спроведе во прва година, па потоа етапно ќе ги опфати сите години во средно образование, во стручните и во гимназиските училишта.
Министерот за образование и за наука Пиштар Лутфиу истакна дека во изминативе четири години со спроведувањето на програмата „Кембриџ“ во основното образование се создаде модерен и конкурентен национален образовен систем.
– Математиката и предметите од групата природни науки – хемија, физика и биологија, учениците ги изучуваат преку најсовремени наставни програми и учебници адаптирани на нашите национални особености, кои значително го променија и унапредија текот и концептот на наставата. Часовите станаа креативни и интересни за учениците, интеракцијата се подигна на највисоко ниво и се замени стариот и класичен начин на предавање. Материјата сега е лесно совладлива, едноставна и практично применлива – рече Лутфиу.
Тој посочи дека Македонија е единствена земја во регионот, која го воведе образовниот систем „Кембриџ“ во основното образование, а реформите ќе продолжат и во средното образование.
Директор на Меѓународниот центар за наставни програми од Кембриџ Мајкл О’Саливан истакна дека се работи за крупна реформа која има влијание врз секое дете и секое семејство и генерално влијание врз целото општество.
– Тоа што сакаме да го постигнеме е да го подобриме знаењето на учениците по математика и по другите природни науки и тоа е важно за нивната иднина. Потребно е многу време за успешно да се заврши, потребен е голем труд од страна на многу луѓе. Центарот од Кембриџ работи во многу земји, но она што овде го постигнавме во изминатите три години е доста импресивно. Напредокот е доказ за трудот што беше вложен од професорите и од институциите – рече О’Саливан.
Директорката на БРО Весна Хорватовиќ истакна дека е горда што се пристапува кон реформа на предметите по математика и природните науки во средното образование како природен процес на заокружување на промените на наставните програми. Очекува и во иднина добра соработка со Меѓународниот центар за наставни програми од Кембриџ и дека заедно и посветено ќе ги исполнат сите активности предвидени со роковите.
– Ќе создадеме подобри услови за работа на наставниците – поквалитетни програми и учебници, примена на посовремени методи, а тоа ќе вроди со подобри резултати кај нашите ученици. Искрено веруваме во овие наши заложби, истакна директорката на Бирото за развој на образованието, кое за примена на наставните програми во средно ќе ги обучува и наставниците кои ги предаваат предметите што се приспособуваат на програмите од Кембриџ.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека реформата, за која имало скепса и негативни критики во почетокот, со реализацијата станала исклучително значајна за образовниот систем во Македонија со која, како што рече, учениците од сите населени места добиваат нови наставни програми и учебници.
– Од нив тие полесно ќе ги совладаат предметите по кои Република Македонија покажуваше најслаби резултати пред десетина години врз основа на меѓунaродните тестирања. Уверен сум дека со континуитетот на реформата ќе го зголемиме знаењето на нашите ученици. Не постои вредност на средства која е мерлива во однос на инвестицијата што ние ја правиме сега. Нашите очекувања се дека оваа инвестиција десеткратно ќе и се врати на Република Македонија, истакна Ристовски на потпишувањето на договорот за реформирање на наставните програми по математика и природни науки во средното образование.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.