Реконструкциите и изградбите на здравствените капацитети беа вториот сегмент на кој денеска посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на промоцијата на нови проекти во здравството.
– Веќе е познато дека активно се работи на повеќе стратешки проекти во здравството што имаат капитална вредност. Пред петнаесетина дена од страна на Банката на Советот на Европа во официјалниот гласник на Европската унија е објавен тендерот за изградба на новиот Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. А пред извесен период е објавен и тендерот за надзор на изградбата. Ова е еден од капиталните проекти во македонскиот здравствен систем, со кој ќе се поставува нов стандард за квалитетот на здравствените услуги во Македонија. Инвестицијата само за изградба чини околу 70 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот е во вкупна вредност од 128 милиони евра. По спроведување на законските процедури, ќе отпочнат градежните работи, кои е предвидено да завршат во неколкугодишен циклус.
– Проектот предвидува изградба на нов клинички блок, нова зграда на лаборатории во којшто ќе влезат нови простории на 23 клиники, односно очна клиника, клиника за уво нос и грло, клиника за радиологија, ургентен центар, за дерматологија, неврологија, пулмологија, гастро, ендокринологија, ревматологија, завод за слух, говор и глас, клиника за анестезија и интензивно лекување, невро хирургија, трауматологија, психијатрија, токсикологија, ортопедија, неврологија, хематологија, нефрологија, трасфузиологија, микробиологија и нуклеарна медицина. Ќе следи и адаптација и реконструкција на зградата на хируршките клиники во кои и сега се сместени урологија, дигестивна клиника, пластика и торакална клиника. Изградбата на новиот Клинички центар ќе овозможи бенефит за сите граѓани, имајќи предвид дека на годишно ниво во клиниките минуваат повеќе од 800.000 посетители, односно околу 2.200 посетители дневно – рече Никола Груевски на промоцијата.
– Ќе изградиме и нов современ Ургентен хируршки центар за потребите на Општата болница во Куманово, со што ќе се обединат интернистичките и хируршките ургентни амбуланти, а во објектот се планира да биде поставен и апаратот за компјутерска томографија, што значи дека пациентите на исто место ќе ја добиваат потребната дијагностика и комплетен третман. Оваа инвестиција е проценета на 48 милиони денари. Ургентниот хируршки центар ќе се простира на површина од околу 750 м2 (бруто), на приземје и кат. Бенефит ќе имаат голем број пациенти од Куманово и поширокиот регион, имајќи предвид дека кон Општата болница Куманово гравитираат над 200.000 жители од оваа општина и околината. Рокот за реализација е првиот квартал од 2018-та година, додаде Груевски.
Дополнително, истакна Груевски на промоцијата, продолжуваме да работиме на еден од најголемите проекти во историјата на македонскиот здравствен систем е изградбата на Клиничката болница во Штип.
– На овој комплексен проект од витално значење за жителите на Источна и Југоисточна Македонија, посветено работевме во изминатите две години, за што говори и фактот дека само проектната документација опфаќа околу 30.000 страници. Капацитетот на новата Клиничка болница ќе изнесува 354 болнички кревети, од кои 300 болнички кревети ќе бидат сместени во новиот болнички објект. Бенефит ќе имаат над 200.000 жители од источниот регион на Македонија кои гравитираат кон болницата. Вкупната инвестиција за овој проект е приближно 56 милиони евра во бруто износ каде што спаѓаат и средствата за градежни работи, 37 милиони евра, како и средствата за нова опрема, проектирање и други инфраструктурни зафати. Клиничката болница во Штип ќе прерасне во еден од најсовремените медицински центри во поширокиот регион надвор од Македонија, кој ќе постави нови стандарди во македонскиот здравствен систем. Рокот за изградба на објектот е крај на октомври 2017 година – истакна Груевски.
– Исто така, започнавме со реновирање и адаптација на објектот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, со што е опфатено и преселувањето на Заводот за кардиоваскуларни заболувања. Инвестицијата е во вредност од 215 милиони денари. Рокот предвиден за реализација е јули наредната година- рече Груевски. -Во тек се и градежните работи за дооформување и адаптација на постојниот болнички објект на Општа болница Струмица. Од оваа инвестиција бенефит ќе имаат над 230 илјади жители од регионот на Радовиш, Валандово, Дојран, Богданци, Пехчево и Берово. Инвестицијата е во вредност од 257 милиони денари. Овој објект е изграден до фаза карабина во далечната 1985 година. Според потребите во објектот предвидено е да се сместат следните содржини: Ургентен центар, приемен дел за стационирани пациенти, стационари за различни медицински специјалности, како и оперативниот блок – составен од 3 операциони сали за општа и дигестивна хирургија, за трауматолошко-ортопедски интервенции и други чисти оперативни зафати, урологија и пластична хирургија, офталмологија и ОРЛ, како и интензивна нега, централна стерилизација, и лабораторија за патологија.Рокот за реализација е октомври 2017 година – истакна Груевски на промоцијата на нови проекти во здравството.
– Сакам и да истакнам дека веќе во завршна фаза, завршени се 80% од работите, е реновирањето и адаптацијата на објектот на Општата болница во Прилеп, во вредност од 70 милиони денари. Ова е прва комплетна реконструкција на болницата од 1980 година, од која бенефит ќе имаат околу 120.000 жители. Започнавме со градежни работи за реконструкција на Општата болница во Велес, со што ќе овозможиме унапредување на квалитетот на здравствените услуги во оваа јавна здравствена установа. Ќе се изврши комплетна замена на фасадата со енергетски ефикасна фасада, реконструкција на покривот на објектот, реконструкција на болнички одделенија, како и изградба на нов оддел за интензивна нега во одделението за интерна медицина, со цел дополнително подигнување на стандардите во оваа област. Инвестицијата е во вредност од 21 милион денари. Реконструкцијата ќе заврши наредната година – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на промоцијата на нови проекти во здравството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
Филипче се грижи за граѓаните, ама не знае како да стигнат до клиника!
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница