| четврток, 6 декември 2018 |

Неновски: Износот на јавниот долг не е ризичен

Износот на јавниот долг од 50,6 проценти во третиот квартал годинава во овој период не е ризичен со оглед дека има 85 до 90 процентно покритие со националното штедење. Јавниот долг може да се зголемува ако се користи за продуктивни цели- оцени денеска професорот од Универзитетот „Американ Колеџ“ Томе Неновски, одговарајќи на новинарски прашања за податоците што ги објави вчера Министерството за финансии за државниот и за јавниот долг.

Податокот што го соопшти Министерството за финансии, посочи Неновски, е резултат на задолжувањето на државата од пред неколку месеци со еврообврзницата. – Надмината е онаа граница која ја нарекуваме психолошка, но од друга страна за месец или два, државата ќе отплати 150-160 милиони евра, колку што разбрав,  констранство и повторно ќе се вратиме под таа психолошка граница – на 46-47 проценти и повторно ќе го поставиме истото прашање на кое ниво е јавниот долг, изјави Неновски.

Во светски рамки, појасни, големината на јавниот долг на некој начин  се мери со големината на националното штедење. – Нашето штедење кое го слушнавме вчера, не е национално, но сепак е над 95-96 проценти од износот на националоното штедење, составено од штедни влогови на граѓаните, на претпријатијата и на другите финансиски организации изнесува пет милијарди евра, а јавниот долг 4,7 милијарди евра, значи имаме некаде 85 до 90 процентно покритие на јавниот долг  со националното штедење, изјави Неновски.

Меѓутоа, укажува, ако почне јавниот долг да ги надминува големините на националното штедење, тогаш веќе се поставува прашањето за негова одржливост. Во светски рамки, никој не ја спомнува  Белгија која има 120 процентен јавен долг на нејзиниот БДП, меѓутоа нејзиното национално штедење е поголемо и затоа нема такви проблеми во смисла на финансирање на јавниот долг, рече Неновски.

Во овој период, посочи, износот на јавниот долг не е ризичен, но ќе видиме по некое време. – Всушност треба да видиме како ќе заврши годината и според она како стојат работите на политички план ќе имаме нова гарнитура или структура на влада која ќе треба да си ги прави пресметките од 1 јануари па натаму. Со таа стратегија дали ќе ја менува, ќе додава или ќе одзема, ќе стега, ќе прави фискална консолидација или ќе има некакви други предиспозиции тоа веќе ќе го видиме во јануари, февруари кога ќе се формира власт и ќе говориме на оваа тема, рече Неновски.

Нема економист, според него, кој ќе рече дека јавниот долг не може да се зголемува или не треба да се зголемува ако се користи за продуктивни цели, односно за унапредување на состојбите во економијата и давање можност економијата да врши поврат на додадена вредност, а преку тоа и поврат преку растечки БДП, особено преку капитални инвестиции да може и да се отплаќа во претстојниот период. -Се разбира, посочи, и да се врши соодветна фискална консолидација во годините коишто ни претстојат за што ќе треба Министерството за финансии да си права соодветна стратегија.

Според Министерството за финансии, зголемувањето на државниот и јавниот долг во однос на вториот квартал се должи на издавањето на еврообврзницата во јули годинава, која е наменета за покривање на буџетскиот дефицит во 2016 и 2017 година. Со еврообврзницата ќе се покријат повеќе обврски кои доспеваат во текот на оваа и наредната година, како отплата на 130 милиони евра која ќе се изврши во ноември по основ на доспеан кредит.

Согласно податоците на Еуростат, Македонија со новата состојба на државниот долг останува меѓу најмалку задолжените земји во Европа, а државниот долг е двојно помал од просечниот долг на земјите членки на ЕУ кој изнесува 85 проценти од БДП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top