Професор д-р Жозеф Глигоров (49) е специјалист онколог за рак на дојка во АПХП болницата „Тенон“ во Париз и професор на Универзитетот „Сорбона“ во Париз, Франција. Македонец по потекло, роден во Париз, каде што се школувал и работи. Глигоров е претседател на Асоцијацијата на радијациско-онколошки асоцијации на медитеранските земји (АРОМЕ) и во изминатата недела во Скопје беше гостин на меѓународниот настан што го организираше Клиниката за онкологија и радиотерапија. Во Скопје се организираше првиот заеднички научен состанок на АРОМЕ и Европската школа за онкологија (ЕСО). Глигоров имаше и предавање на деветтата национална конференција за рак на дојка, која ја организираше Здружението за борба против ракот „Борка – за секој нов ден“.
Глигоров (49) во интервју за „Република“ вели дека уште нема доказ дека раната дијагноза го спасува животот, но, секако, ќе дојде до ситуации во кои со поблаги терапии може да се дојде до рана дијагноза на ракот.
На секои 29 секунди се дијагностицира нов случај на рак на дојка во светот. Дали раната дијагностика може да го спаси животот?
ГЛИГОРОВ: Може, најверојатно, да го промени животот. Уште нема доказ дека раната дијагноза го спасува животот, но, сепак, ќе дојде до ситуации во кои со поблаги терапии може да се дојде до рана дијагноза. Така, со помалку терапии може да се дојде до исти резултати отколку да се чека да поминат години, па да се оди на хемотерапии, агресивни хирургии и агресивни радиотерапии.
Кои се новите предизвици и терапии во лекувањето на ракот на дојка?
ГЛИГОРОВ: Како и секаде во светот, така и во Македонија важат овие правила. Број еден е организацијата. Важен е квалитетот на медицинскиот кадар – лекарите и помошниот персонал. Број два е едукацијата, а број три е економијата. За жал, без инвестиции во медицинскиот кадар – лекари, специјалисти, а, исто така, и за терапии, сето тоа чини пари, не може да се напредува. Во медицината, науката е многу важна. Уште постојат канцери кои не се лекуваат, за жал, и за кои треба да се бориме.
Дали онкологијата денес е една од најважните медицински гранки?
ГЛИГОРОВ: За жал, да. Во западните држави канцерот е најсмртоносна болест и болест број еден од која се умира. Канцерот им го зеде приматот на кардиоваскуларните болести. Колегите-кардиолози, пред сѐ, благодарејќи на терапиите, хирургијата, стентови и разни техники, им овозможија на пациентите да живеат подолго. Луѓето стареат, а ракот, во најголемиот број случаи, е болест на повозрасните. Затоа расте инциденцијата, а со тоа расте и смртноста.
Колку е ефикасна целната биолошка терапија во лекувањето на канцерот на дојка?
ГЛИГОРОВ: Под зборот „целна“ се подразбираат многу работи. Поголемиот дел од терапиите, како и старите хемотерапии, се целни терапии затоа што точно се знаеше каде одиме во клетките и што сакаме да направиме. Новите целни терапии се попрецизни затоа што порано биологијата дошла до заклучок дека во една туморна клетка тоа е рецепторот, протеинот или ензимот кој е неопходен за да се продолжи активноста на туморната клетка, така што во неколку видови карциноми, како што се оние на дојка, на белиот дроб, на бубрезите, има многу подобри резултати ако тие се третираат со целна терапија. Но, за жал, тие терапии не дејствуваат кај сите пациенти. Некој има бенефит, некој нема. Тие што имаат придобивки може да имаат подолг период, а некои на пократок период. Тоа е една нова револуција во концептирање на терапиите, односно на лековите. Но, евалуацијата покажа дека, освен кај некои хематолошки болести каде што имаме конкретно голем пад на смртноста, такви податоци сѐ уште немаме за канцерот.
За што ќе се разговара на првиот заеднички научен состанок на АРОМЕ и на ЕСО?
ГЛИГОРОВ: Ќе зборуваме за базична онкологија и кои се главните параметри во биологијата кои треба да ги знаеме за да одиме еден чекор напред кон терапијата, дијагнозата и оптималната нега кај пациентите.
Дали ракот на дојка треба да биде во категоријата што може да се излекуваат во 21 век? Односно, дали во 21 век треба да умираат луѓе од рак на дојка?
ГЛИГОРОВ: Сега можеби ќе кажам некои работи што се попровокативни. Целта на туморната клетка е да живее што подолго. Фактички, целта на туморната клетка е да се адаптира кон општеството кое е околу неа и кое ѝ овозможува да живее подолго. Моето лично мислење е дека во поголемиот дел од случаите, освен неколку кои имаат генетска аномалија или типична аномалија која го предизвикува ракот во почетокот, станува збор за адаптација што го прави ракот еден чекор напред кон еволуцијата, за жал. Мислам дека ќе имаме поголем број пациенти кои ќе бидат излечени од рак, но мислам дека во таа битка нема да бидеме победници. Сите ние ќе умреме еден ден. Некој од нас умираат од рак без да знаат.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Алесандар Ивановски
(Интервјуто е објавено во 217. број на неделникот „Република“ кој излезе на 28.10.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.