Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми вчера беше повикан да сведочи пред Спортскиот суд за арбитража во Лозана, по тужбата која ја упатија неговите бранители против УЕФА за одлуката за негова четиригодишна суспензија поради допинг.
Како што пренесува Асошиејтед прес, Адеми се појавил пред Судот во Лозана изнесувајќи ги доказите за својата невиност кои претходно од УЕФА воопшто не сакале да ги разгледаат. Судот во Лозана одлучил за една до две недели да има уште едно вештачење околу случајот на Адеми по што би била донесена конечната одлука. Сето тоа укажува на можен позитивен расплет за македонскиот репрезентативец.
Сега во рацете на Арбитражниот суд останува фудбалската судбина на Адеми. Според најавите, пресудата се очекува да биде соопштена во следните неколку недели, веднаш по новото вештачење, согласно досегашната пракса, најдоцна до 17. ноември.
Жалбата во Лозана против УЕФА е последната битка на Адеми за докажување на својата невиност, во која има огромна поддршка и од својот клуб Динамо Загреб. Како што е познато, УЕФА крајно некоректно се понесе кон македонскиот фудбалер, па во жалбената постапка не сакаше дури и да го сослуша со сите свои докази и укажувања. Тогаш, воопшто не беа слушнати аргументите и погледнати доказите од две независни, одделни, лаборатории кои потврдиле дека Адеми бил позитивен затоа што примерокот од легален суплемент кој го земал, бил контаминиран со недозволена супстанца. Но, не по грешка на играчот, туку на производителот!
Познато е дека количеството на станозолол во крвта била минимална, според доказите, доволна за позитивен тест, но недоволна да било како користи на перформансите на Адеми. Тоа го знаат и од УЕФА, која во жалбената постапка била без милост, и без детално сослушување потврдувајќи ја четиригодишната суспензија за македонскиот фудбалер.
Сега, надежите на Адеми се дека ќе биде согледани неговите докази и дека одлуката на УЕФА ќе биде поништена. Постои можност за тоа, но и можност за намалување на казната, на една или две години суспензија. Адеми издржа веќе една година надвор од професионалниот фудбал, но очекува потврда на неговата невиност и веќе од ноември и враќање на професионалниот фудбал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.