| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто не треба да се смеете на личната карта и пасошот?

Дали некогаш сте се запрашале зошто на фотографијата за пасош секогаш морате да изгледате сериозно? Поради која причина не можете да развлечете насмевка од уво до уво? Зошто властите не ви дозволуваат да покажете радост? Е па, за сето тоа постојат многу добри причини.

Пред неколку недели, една од најчестите шеги во Франција била реченицата: „Ние сме Французи, не се смееме“. Тоа било последица на одлуката која ја донел еден судија, а која јасно говори дека за време на фотографирањето за лична карта и пасош, не смее да се смеете. Многу Французи во тој момент се сетиле и на Британците, на кои им се смееле кога ја донеле истата одлука пред 12 години.

Но, зошто ваквата одлука и зошто во голем број земји не е дозволено смеење при фотографирањето за документи? Одговорот е – поради безбедносни причини.

Имено, вашиот пасош има чип кој содржи биометриски податоци за вас кои се извадени од фотографијата. Таа фотографија при изработката на пасошот се скенира и клучните карактеристики на вашето лице, како што се оддалеченоста помеѓу очите, оддалеченоста од носот до брадата помагаат за создавање на „математичка мапа“.

Работите како што се, на пример, носење очила за сонце или широка насмевка, ја намалуваат ефикасноста на алгоритмот и пречат при создавањето на мапата.

По пристигнувањето на аеродром, ве снима камера која го скенира вашето лице. Тогаш компјутерот одлучува дали се совпаѓа математичката мапа која се создава на аеродромот со онаа во вашиот пасош. Дознавајќи го сето ова, ни се чини дека понекогаш сме отишле предалеку, но сепак, ако на овој начин можат да се спречат потенцијални напади, ќе ги преживееме некако и камерите кои веројатно знаат повеќе за нас и од нас самите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top