Припадниците на Армијата на Република Македонија (АРМ) од составот на баталјонот на Воена полиција (ВП) во раните утрински часови во близина на браната „Паљурци“ на правецот кон Богданци во пограничното подрачје на територијата на Република Македонија спречија обид за шверцување емигранти во моторни возила кои биле управувани од македонски државјани.
АРМ соопшти дека во акцијата е спречено нелегално минување на 11 странски државјани од кои шест се деца.
Во согласност со надлежностите, возилата со возачите и нелегалните минувачи се обезбедени и предадени на надлежните органи од МВР на натамошна постапка.
– Припадниците на АРМ повеќе од една година, со извршување задачи како што се: набљудување, патролирање и извидување во реонот на одговорност, спречија десетици, а во одредени денови и стотици обиди за нелегални преминувања на државната граница, така што денес вкупната бројка изнесува над дваесет илјади.
Мерките кои АРМ ги спроведува согласно доделените задачи од одлуката на претседателот на Република Македонија и врховен командант на Вооружените сили, во поддршка на МВР и граничната полиција, низ зајакнато и непрекинато обезбедување на јужната и северната граница даваат позитивен ефект и соодветен придонес во зачувувањето на безбедноста на граѓаните на нашата држава.
АРМ е подготвена да одговори на секаков облик на безбедносно нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, вклучувајќи ги обидите за насилно влегување на територијата на нашата држава, што е присутно од почетокот на мигрантската криза, се наведува во соопштението од АРМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.