| четврток, 6 декември 2018 |

Аркан, Мутави, Кнеле…: Како балканските криминалци ги добиле своите прекари?

Речиси да нема „реномиран” криминалец во Србија кој нема урнебесен прекар. Последното убиство во Белград, каде беше изрешетан водачот на навивачите на „Партизан“, Сале Мутави, потсети на феноменот на прекари, кои ги имаат или ги имале припадниците на српското подземје.

До појавата на мобилните телефони, прекарите беа во врска или со потеклото или само беа кратенки од имиња и презимиња. Меѓутоа, подоцна криминалците беа принудени да даваат прекари за полесно избегнување на полициско следење.

Членовите на земунскиот клан се издвојуваа по тоа прашање.

Љубомир Магаш како човек роден во Земун, логично го добил прекарот Љуба Земунац. Сретен Јоциќ бил наречен Јоца Амстердам, бидејќи бил водач на холандското подземје. Александар Кнежевиќ остана запамтен по едноставниот прекар Кнеле.

Озлогласениот Жељко Ражнатовиќ Аркан, според една верзија, го добил прекарот по јунак на некој стар стрип. Според друга верзија, се работи за српска верзија на латински збор кој значи мистерија. Милорад Улемек Легија познат е и под прекарите Цема, Ружа и Шарени. Прекарот Легија го добил бидејќи служел во француската Легија на странци. Поради тетоважите на вратот го добил и прекарот Ружа.

Шарени е прекар со кој „го закитија” членовите на „земунскиот клан, но и колегите од полицијата кога почна да експериментира со боите на косата. Наводно, бунтовниот Легија ја обили косата и шарено, кога бил поканет на една свадба, замолен да изгледа пристојно, за да не ги преплаши гостите со своите тетоважи. Легија ја испочитувал молбата, облекол костум, но неговата глава изгледала како егзотичен папагал.

Ѓорѓе Божовиќ добил прекар Гишка, бидејќи како дете бил дебел, па другарите во училиштето го задевале поради тоа.

Раде Чалдовиќ го добил прекарот Кента по латиноамерикански боксер, бидејќи се занимавал со овој спорт во Штутгарт. Меѓутоа, според друга верзија, прекарот го добил според еден вид на гулаб, исто како и ликвидираниот Земунец, Јован Гузијан – Цунер.

Кумот на Жељко Ражнатовиќ Аркан, Милан Ѓорѓевиќ сакал колачи и според легендата, секогаш во некој џеб имал кеси бонбони. Затоа го добил прекарот Бонбона.

Горан Вуковиќ го добил прекарот Мајмун, бидејќи наводно без проблем се качувал по ѕидови и тоа до вториот кат!

„Водачот на земунскиот клан” Душан Спасојевиќ, за пријателите бил Дуќа, за непријателите Кратки, а за полицијата Шиптар. Кратки го викале поради висината, а Шиптар, бидејќи е роден во Косово и бил во нарко-бизнис со Албанците.

Миладин Сувајџиќ поради говорната мана бил наречен Ѓура Мутави, а Владимир Милисављевиќ поради високото образование Влада Будала.

– Те убија Пацов (Глушец), Превара (Измама) и Будала, е реченица со која Зоран Живковиќ, на погребот на Зоран Ѓинѓиќ, сликовно се обиде да го објасни нивото на криминалците кои беа осомничени за атентатот.

Многу прекари криминалците користат на почеток, со цел да ја прикријат трагата пред полицијата, во случај ако ги следат и прислушкуваат. Така на пример, во текот на преслушувањето на транскриптите на членовите на бандата на Дарко Шариќ, биле откриени десетици шифрирани прекари, кои ги користеле во тек на договарање на транспорт на кокаин.

Ронин, Куќа, Жуча, Жука, Шљиво, Кен, Беранац, Калипсо, Администрација, Паоло, Мали – се само некои од прекарите на соработниците на Шариќ.

И некои од најпознатите светски мафијаши не ги избегнале прекарите.

Така Ал Капоне бил наречен Скарфејс (Лузна), по лузната на лицето, која ја добил во некоја пресметка.

Лаки Лучијано бил вистински среќник, преживеал ќотек со метални палки, па го закитиле со прекарот Лаки (Среќко).

Колумбискиот нарко крал Пабло Ескобар го нарекувале Доктор и Ел Патрон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top