И покрај музичкиот молк кој периодов владее во Македонија, дел од нашите музичари сепак работат на своите нови музички проекти.
„Либеро бенд“ ја подготвува својата нова песна и видеоспот кои наскоро ќе бидат промовирани во Македонија и во Србија , а тимот кој работи на нив е составен од веќе докажани балкански музички имиња.
Песната е дело на српски автори Александар Цветковиќ, фронтменот на популарниот „ТропикоБенд”, кој ја направи музиката, текстописецот Драган Брајовиќ-Браја, кој напишал текстови за голем број српски музички ѕвезди и нашиот Валентино Скендеровски, задолжен за аранжманот.
Деновиве момците од бендот престојуваа во Белград каде што се снимаше спотот, дело на познатиот Ведад Јашаревиќ од продукциската куќа „Ц4Д“, која е потпишана зад спотовите на бројни имиња од српската естрада, меѓу кои Јелена Томашевиќ, Ивана Селаков и Гоца Тржан.
– Спотот се снимаше со голема екипа. Вложени се многу средства за да на крајот и понудиме на публиката навистина добар и пред се квалитетен производ, кој сакаме да биде препознаен и прифатен од љубителите на убавата музика, велат момците од бендот и додаваат дека песната ќе има две верзии, македонска и српска.
Промоцијата се очекува да се случи наскоро во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.