| четврток, 6 декември 2018 |

Кризната состојба поради мигрантите продолжена до 30 јуни 2017

sobranie-1-1

Собранието денеска го продолжи рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија до 30 јуни 2017 година, имајќи го предвид распуштањето во пресрет на изборите што треба да се одржат на 11 декември.

Против оваа одлука се изјасни пратеничката група на ДУИ, која според координаторот на пратеничката група Талат Џафери, процениле дека иако најверојатно до 10 јануари нема да имаме парламентарен состав, но Владата има можност да ја смени одлуката и да го продолжи кризниот период доколку има потреба за тоа. После договорот Турција – ЕУ, според Џафери, во Грција веќе нема бегалски кампови, а досега на територијата на Македонија останале околу 1.300 мигранти, од кои 126 се останати во Гевгелија, а 60 во Табановце.

Пратеничката Солза Грчева смета дека одлуката треба да биде донесена имајќи ги предвид извештаите што доаѓаат однадвор во однос на мигрантите, а според неа се уште постои опасност Турција да ги пушти мигрантите кон Европската унија.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски рече дека се повеќе се проблематизира прашањето на мигрантите и оти не се знае колку ќе опстане договорот меѓу Турција и ЕУ.

– Влегуваме во изборен процес, и не знаеме колку долго ќе бидеме без Собранието. На овој начин ја обезбедуваме стабилноста на државата и безбедноста на јужната работа. Мораме да потенцираме дека ризиците што постојат се многу поголеми од она со што полицијата ќе може да се справи и ова ќе значи и вклучување на армијата, рече Димовски.

Пратениците ги изгласаа и одлуките за испраќање на припадник на АРМ за учество во мировна операција на Европската Унија, „Алтеа“ во БиХ и за испраќање на припадници на АРМ за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Исто така се гласаше и за ченови на одбори и комисии.

На предлог на премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, претходно Собранието за министер без ресор го избра Бејџан Иљас, а го разреши Фуркан Чако. Иљас, по професија е лекар специјалист вработен во Клиничката болница во Тетово, советник во Општина Теарце и заменик претседател на Демократската партија на Турците.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top