Кампањата на Трамп го негира текстот во српски Недељник дека републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трамп се извинил за одлуката на неговата земја да ја бомбардира Србија за време на мандатот на Бил Клинтон во Белата куќа.
Џејсон Милер, советник на Трамп за комуникации, изјави дека Трамп и државната директорка на кампањата за Индијана, Сузи Јаворовски никогаш не дале интервју за списанието.
– Ова е измама и ние со нетрпение очекуваме да добиеме официјален демант и извинување од сите што се вклучени, рече Милер во изјава преку имејл, пренесе Њузвик.
Според текстот во Недељник, Јаворовски рекла: „Бомбардирањето на Србите, кои ни беа сојузници во двете светски војни, беше голема грешка… Србите се многу добри луѓе. За жал, администрацијата на Клинтон им предизвика голема штета, на нив и на целиот Балкан, од кој тие направија хаос.“
Според текстот, Трамп не прецизира како тој би се справил со „ситуацијата“, но ветува дека ќе води „нова политика со Балканот“ ако победи на изборите.
Интервјуто наводно било спроведено преку електронска пошта, рекол главниот уредник на Недељник, Марко Прелевиќ, за Њузвик.
Јаворовски, сепак, негира дека била во контакт со српскиот медиум или дека посредувала за интервјуто. Во изјавата за Политико таа вели: „Трамп немаше интервју за Србија. Не знам од каде дојде тоа. Никогаш не сум била посредник во интервју со српски новинар“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.