Советот на родителите на учениците од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ заедно со професорите по првичното одбивање го прифатиле предлогот на локалната власт наставата да се одвива во зградите од старото медицинско училиште по нивната целосна обнова и приспособување со цел што поскоро учениците да го надоместат пропуштеното со едномесечните протести.
Доколку и овојпат не се испочитува ветеното зградите да овозможат учење во една смена за сите 250 гимназијалци родителите најавуваат и порадикални чекори како блокирање на улици и влезот во гимназијата.
– Свесни сме за тоа колку учениците изгубија од наставата и свесни сме дека ќе биде потребно таа да се надомести. И во овие услови скоро да не е можна наставата но сепак се трудиме колку е можно децата да посетуваат каква таква настава, изјави родителката Снежана Наковска.
Наместо на плоштад како во изминатите десеттина ден, во салата на Советот на општина Тетово сега е местото каде гимназијлците ја одржуваат наставата во три смени и со скратени часови. Според учениците и ова е изнудено и непримерно решение за нивниот главен проблем немањето соодветни простории за следење на наставата.
Од надлежните во Општината посочија дека интезивно се работи на обнова на првата зграда од старото медицинско училиште која четири години не се употребувала. По завршувањето на овој објект ќе започне обновата и на вториот каде доколку има потреба ќе бидат префрлени дел од паралелките. Очекувањата се дека работите за обнова ќе завршат за најмногу две недели. Паралелно општинската администрација работи и на административна процедура за издавање дозвола за градба на надградбата на централната зграда од гимназијата како трајно решение за интегрирана настава на гимназијалците и за што се очекуваат средства од Министерството за образование и наука.
– Ангажирани се неколку компании кои работат на подготвување на училиштето што ќе биде со услови за изведување на наставата во тој училишен објект. Се надеваме дека во најкраток времески интервал тоа ќе го завршат и ова привремено решение што ние го предложивме а што беше прифатено од родителите ќе влезе во функција и учениците во овој временски интервал ќе бидат сместени во тој објект рече раководителот на Секторот за јавни дејбности при општина Тетово Ахмед Ќазими.
Гимназијалците Македонци немаат соодветни простории скоро петанесеттина години. Последниве две тие учеа поделени во зградата на народниот универзитет и основното училиште „Гоце Делчев“ но без никаква најава за нивно враќање во централната зграда од гимназијата. На почетокот од оваа учебна година тие го отфрлија ова привремено решение и побараа враќање во зградата на гимназијата а до реализирање на тоа барање да учат сите на едно место во соодветни услови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.