| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Нема да поддржиме необјективно работење на СЈО

ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го прикрива или поддржува непрофесионалното, незаконското и необјективното работење на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), наведува денеска во соопштение владејачката партијата.

Договорот меѓу партиите, посочуваат од партијата, подразбираше и формирање на СЈО кое ќе има рок од 18 месеци за да отпочне истраги за предметите за кои ќе има дури и најмал сомнеж.

Партиите консултираа експерти и се договорија за сите детали, почнувајќи од Буџетот, па сѐ до кадровското екипирање. ВМРО-ДПМНЕ се согласила на формирање на ваква паралелна институција затоа што, како што стои, „знаевме дека вистината е на наша страна и дека ова време е доволно за во законска процедура да излезат на виделина сите манипулации на лидерот на СДСМ Зоран Заев“.

„ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го прикрива или поддржува непрофесионалното, незаконското и необјективното работење на СЈО.
Нема ништо разумно во тоа што Катица Јанева избрка две обвинителки со образложение дека немала потреба од нив заради обемот на работа и што со месеци го чекаше Зоран Заев да и ги предаде незаконските материјали. Во сиот период таа ниту еднаш не го обвини за попречување на работата на СЈО, а материјалите ги доби откако го ослободи од притвор Зоран Верушевски, чија сопруга за тоа му се заблагодари на Заев“, се наведува во соопштението.

Според партијата, нема ништо разумно во тоа да се одложува рочиште за цел месец заради свадба или приватни обврски, а за работата да се земаат огромни плати од државата. Исто така, сметаат од владејачката партија, неразумно е Јанева да настапи како политичар и да бара нешто од Собранието, а истовремено да го прогласува за нелегитимно и ѝ порачува „знаете дека вие не сте Суд туку само странка во постапката која ќе треба да ги докажува своите сомнежи“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top