Свеченото отворање на новата концертна сезона 2016/2017 на Македонската филхармонија почнува на 6 октомври (четврток) во Домот на АРМ во 20 часот, за прв пат во Македонија гостува една од најдобрите виолинистки денес – славната МИДОРИ!
Под палката на миленикот на македонската музичка публика, маестро Емил Табаков од Бугарија, виртуозната уметница Мидори Гото (Јапонија/САД), ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар во D-dur оп.35 од Оскаровецот Ерих Корнголд. Ова е едно од најпознатите дела на австриско-американскиот композитор Корнголд, кое го посветил на Алма Малер, сопругата на неговиот ментор Густав Малер.
Оваа вечер ќе биде изведено и грандиозното, комплексно симфониско дело „Животот на херојот“ оп.40 од германскиот композитор Рихард Штраус, кое долго време не било поставено на македонската сцена, а по кое овој симфониски концерт е насловен. Главната улога во оваа навистина мошне интересна композиција, ја носи првата виолина, која овој пат и е доделена на Анна Кондратенко, концерт-мајстор во оркестарот на Македонската филхармонија.
По завршувањето на концертот, славната Мидори ќе ги потпишува своите цедиња, меѓу кои и најновото „The Art of MIDORI“ издадено за „Сони Класикал“, на кое се наоѓаат најважните снимки на оваа виртуозна уметница.
Критиката за американската виолинистка по потекло од Јапонија, Мидори Гото (1971), ќе каже дека таа е една од највиртуозните уметници на новата генерација класични уметници. Минатата 2014/2015 концертна сезона Мидори беше дел од светската премиера на новото дело „Оскар“ на современиот австриски композитор Јоханес Марија Штауд, на фестивалот во Луцерн, како и во „Концертхаус“ во Виена, настан што привлече огромно внимание. Мидори досега има реализирано голем број снимки на капитални дела за виолина, меѓу нив и најновата – соло сонатите и партитите од Бах. На фестивалот во Луцерн, Мидори го добива епитетот „уметник ѕвезда“ и таа постојано е дел од светските премиери на новите дела. Изведува композиции од Пендерецки, Хајла, Шчедрин, Штауд, Раутавара… Меѓу светските музички кругови е позната како фасцинантен изведувач, но и како талентиран едукатор и иновативен активист. Во 2012 година ја доби престижната награда „Кристал“ на Светскиот економски форум во Давос, беше избрана за член на Американската академија на науките и уметностите и ѝ беше доделена титулата почесен доктор на музика на Универзитетот во Јеил. Во 2007 година беше прогласена за „Гласник на мирот“ од страна на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун. Именувана е за почитуван професор по музика на Универзитетот во Јужна Калифорнија и Мидори, всушност, посветува огромно внимание на процесот на едукација на младите. Токму со таа цел ја формира непрофитната организација „Мидори и пријателите“, преку која овозможува музичко образование за децата во Њујорк и во Јапонија. Родена е во Осака, а виолина почнала да учи со својата мајка на мошне рана возраст. Откако маестро Зубин Мехта ќе ја слушне во 1982 година, воодушевен од нејзината изведба ќе ја покани да го направи своето деби на само 11 години на традиционалниот Новогодишен концерт на Њујоршката филхармонија. Тогаш ќе започне и нејзината голема кариера. Денес Мидори живее во Лос Анџелес. Зад себе има завидна кариера, но и завидна дискографија. Има диплома и за магистер по психологија на Универзитетот во Њујорк.
Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте. Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година, тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кого остварува значајни концерти ширум светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987-та е нејзин главен диригент, а од 1988-та до 2000 година музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар. Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин-диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен… Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. За неговите творби е наградуван од Сојузот на бугарските композитори, а голем број од овие композиции се веќе ставени на компакт-дискови. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата Личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од 100-те најдобри професионалци за 2012 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Авангардни патишта“ – концерт на Дејв Вилсон и Ричард Валитуто
-
Музика од научнофантастични филмови со Македонската филхармонија
-
Овој четврток: Врвниот тромбонист Џозеф Алези со Македонската филхармонија на симфонискиот концерт „Руска игра“
-
Бетовеновата „Деветта“ утре во Македонска филхармонија под диригентската палка на Густав Кун