Секој млад човек од ЕУ ќе добие подарок за 18-тиот роденден бесплатен билет за турнеја низ Европа. Ова ќе се оствари, ако следната недела проектот за неа биде одобрен во Европарламентот, пишува „Дејли мејл“.
Идејата е на германскиот европратеник од Европската народна партија (ЕПП) Манфред Вебер. Таа предвидува секоја година европските тинејџери кои наполниле 18 години, да добијат едномесечна картичка „Interrail“ со која ќе земат гратис билети за 30 земји на Стариот континент – од Швајцарските Алпи и норвешките фјордови до Јужна Италија и најзападната точка на Европа во Португалија .
Младите од земји кои не се членови на „Interrail“ (балтичките држави, Кипар и Малта), ќе добијат билети за автобус и траект, за да го остварат патувањето.
Картичката „Interrail“ чини од 200 до 479 евра. Во зависност од цената може да се патува од 5 дена до 1 месец. Секоја година околу 5,5 милиони млади луѓе во ЕУ полнат 18 години.
Идејата за бесплатниот билет доби поддршка во ЕНП и некои други партии во Европарламентот, но шефот на групата на социјалистите Џани Питела се изјасни против. Најмногу бесни се Британците, кои го нарекоа проектот „обид да се поткупи младината за сума од 1.5-2 милијарди евра годишно“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.