Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје со пораз ја почна новата сезона во АБА лигата. „Металците“ вечерва загубија на гостувањето кај шампионот Црвена Звезда во Белград со 91:69. Резултат по четвртини: 27:20; 22:10; 20:16 и 22:23.
Кошаркарите на МЗТ Скопје беа равноправни само во првите 7-8 минути, кога во неколку наврати имаа и водство. Во финишот на првиот период Црвена Звезда се одлепи и таа предност постојано ја зголемуваше, а највисоката предност изнесуваше + 25 (69:44). Кошараките на МЗТ Скопје ја добија последната четвртина и ја намалија разликата. Најефикасен кај победникот беше Марко Гудуриќ со 16 поени, додека кај МЗТ Скопје најпрецизен беше Ксавиер Тејмс со 17 поени.
Во следното коло МЗТ Скопје ќе игра на домашен терен против белградски Партизан.
Од првото коло од АБА лигата во тек е дуелот Задар – ФМП, а натпреварувањето старуваше со двата натпревара одиграни вчера. Во дербито на колото Будуќност како гостин славеше победа над ланскиот финалист Цедевита со 80:70, додека во драматична завршница Мега ја совлада Олимпија со 86:85.
Вториот македонски тим во АБА лигата Карпош Соколи утре од 17 часот гостува кај Крка, а покрај овој дуел утре играат и Морнар – Партизан. Колото ќе биде комплетирано во недела со натпреварот Игокеа – Цибона.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.