Родена на: 22 февруари 1977 година во Крива Паланка
Образование: Институт за социологија на Филозофскиот факултет во Скопје
Професија: техничка грешка во министерско столче
Им се извинуваме на читателите што толку долго чекаа да ја видат Ременски во оваа рубрика. Ѝ се извинуваме и нејзе што толку многу брилјира, па од сјајот не го видовме очајот.
„Толку мала, а толку лоша“ е еден од безбројте наслови за нејзиниот краток престој на политичката сцена, а единствен кој суштински го опфаќа нејзиниот лик и дело, зашто Ременски ладнокрвно се нафати политичката битка да ја води преку грбот на најранливите – децата со посебни потреби, корисниците на постојаната парична помош, лицата сместени во установи за социјална заштита или во друго семејство и лицата со интелектуална попреченост без родителска грижа. Двапати за безмалку една година Ременски најголемото животно достигнување на оваа мала жена е да биде џелат на опозицијата.
Фросина Ременски вторпат во животот добива шанса да биде политичка фигура и вторпат ја пропушта шансата да биде некој и нешто.
Сепак, нејзиното презиме, синоним за нејзините гревови и срамови, успеа ги запоседне насловите.
„Откако Фросина Ременски е на чело на Министерството за труд и социјална политика, субвенционираното вработување е закочено“
„Фросина Ременски ја продлабочува партизацијата“
„Ременски ги оставила без осигурување вработените во МТСП“
„Деструкција на дело: Ременски по теркот на Заев „јаде живи луѓе“, остави без работа над 40 лица“
„Заканите на Заев ги исполнува Ременски – 44 лица избркани од работа, на нивно место членови на СДСМ“
„Ременски го доведе до колапс МТСП“
„Добитниците на социјални станови во Прилеп на протест, Ременски и по пет месеци не им ги потпишува решенијата“
„Ременски ги остави без градинка дечињата од Јегуновце“
„Ременски ги штити своите права, а ги крши правата на работниците – забрани користење годишен одмор“
„Чистка на професионалците од МТСП, Ременски повторно експресно менува кадри“.
Доволно и премногу. Зад сите овие наслови има разорени човечки судбини, уништени надежи, страв, репресија, мобинг, гладни усти, незивесност. Страдања кои ги возбудуваат џелатите и претставуваат поттик за пожесток реваншизам. Секако, политички врз грбот на недолжни.
После сѐ, сигурно се прашувате кога е вака, со што го заслужи Ременски нашето внимание токму неделава за да ѝ посветиме 500-600 топли зборови.
Луѓе, Ременски оваа недела не направи грев, ами гаф. Не повреди никого, не им ја отсече на немоќните нишката преку која ги крепи надежта, пустата дури реши и да помага. И слатко нѐ насмеа.
„Ременски промовира мерки кои се на сила веќе 16 години“.
Ременски промовираше ослободување од давачки за лица кои веќе 16 години се ослободени од плаќање партиципација. Дефинирањето на категориите кои се ослободуваат од плаќање партиципација е уредено во Законот за здравствено осигурување од 29 март 2000 година, чијшто указ за прогласување го потпишал тогашниот претседател на Собранието, Саво Климовски.
Дали е можно министер да објавува со зурли и тапани решенија за проблеми кои се решени. Посебно е скандалозно што ова не се првите денови на Ременски во Социјала, туку таа дури втор мандат е техничка грешка во министерското столче на МТСП. Колку и да нема мандат за тоа од народот, непростливо помпезно да најавува и да ги претставува како свое решение проектите кои некој ги спровел пред цели 16 години, кога Фросина Ременски имала 23 години, само една година откако доброволно се приклучила во ВМРО-ДПМНЕ. За овој фелер во друга пригода, а дотогаш нека трепка „Македонија функционирала и без нејзината генијалност“.
Текстот е објавен во рубрката „Личност на неделата“ во 213 број на неделникот „Република“, кој излезе од печат на 30 септември 2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фросина Ременски избрана за претседател на Буџетскиот совет на Собранието
-
Крива Паланка: Се тепале во кафуле, побегнале од полициска станица и на крај прегазиле полицаец
-
Груевски: Се стремиме и понатаму да им служиме на граѓаните
-
Алексовски: Во Крива Паланка ќе воведеме гасификација и ќе изградиме населби за млади брачни парови