Една позитивна работа ги изненади сите во понеделникот. Верувале или не, но нарачаните протестанти –партијци во одбрана на СЈО од градовите, кои ја дадоа и најголемата бројка, за чудо и за промена не дојдоа со автобусите на „Тритерол“?! Нешто овде опасно смрди: или газда Лефтер и лидерот и пријател Заев се скарале околу некој тендер или СДСМ ја научил лекцијата со препознатливоста на нонстоп ангажираниот партиски превозник. Поверојатно, првото, но да не беа автобусите, срамот ќе беше уште поголем. Можеби невкусно како беден потег со партиските автобуси и членови, но ланч-пакетите биле вкусни, пишаа патниците-намерници по истите тие антисоцијални мрежи. Тоа, веројатно, им бил и најсилниот впечаток од случувањето во Скопје, секако, освен неизбежната посета на „Сити мол“.
Причините за катастрофалната посетеност и за непресушната потреба за носење пет-шестстотини партијци од градовите имаат длабоки корени во играта на самиот СДСМ. Проблемот е што тие самите, знаејќи што ги чека во понеделникот во 17.00 часот пред парламентот во Скопје, превентивно си наполнија десетина автобуси од повеќе македонски градови. Никој и не очекуваше некаква голема посетеност, а најмалку врхушката и организаторот на протестите од уличката што го носи името на Павел Шатев.
Автобусите како спас, поинаку СЈО ќе го бранеа СЈО?
Свесни за низата потези со кои ги оддалечија идеалистите од шарената „револуција“ од и така квазидвижењето, социјалдемократите, исто така, позитивно и несвојствено за нивното стихијно дејствување, си нарачаа автобуси. Со овој за нив чудно превентивен потег, ја спасија и шарената „револуција“ и себеси од срамот што ќе следуваше.
Сликата покажа, па дури и сите опозициски медиуми и портали потврдија, дека, цитирам, „неколку стотини граѓани“ ги изразиле револтот и поддршката за Катица Јанева и за СЈО. Конечно, се согласуваме. И без да навлегуваме во структурата на присутните, која беше составена од 90 проценти пензионери, кои се сеќаваат на убавите времиња во комунизмот, чувствуваат долг и сакаат да остават белег на заминување, и 10 проценти пленумци, вработени во Сорос, и од тие со желба да се вработат под негова закрила, бројката е повеќе од очајна. Потфрлија сите страни заинтересирани за промена на власта и, повеќе, за бенефитот од владеењето на СДСМ. Па само Соросовите филијали да излезеа со полн капацитет, бројката ќе беше слична или поголема, без автобусите и сите други. Вака, само со платен превоз и ланч-пакет, дојдоа десетина автобуси, давајќи бројка од пет-шестстотини луѓе. Што остана за другите, стотина од Скопје, педесет?
Вистината е повеќе од едноставна, да не беа провинциските сопартијци на СДСМ, во одбрана на СЈО ќе беа СЈО. Првата кратенка за Специјално јавно обвинителство, втората кратенка од имињата на Стево, Јордан и Оливера… Тројцата од СДСМ, шарената и медиумите, единствените што ќе беа на протестот пред парламентот. Да, доколку не дојдеше засилувањето од внатрешноста, ќе си беа Пендаровски, Шишовски и Трајковска, сами и шарени од мака во лицата. Ќе си подремеа и како, демек, случајни минувачи, ќе си продолжеа накај „Плеј“ или „Круг“.
Како СДСМ ја „уби” шарената „револуција”?
СДСМ не одигра случајно така, ниту сега има подобра пресметка на работите, па, за промена, првпат во 25 години дејствува превентивно. СДСМ си е стариот и си игра по навика, но проблемот што самиот го направи со шарената „револуција“ премногу боде очи за да остане глув на сопствениот масакр на и така лажната револуција.
Опозиционерите, свесни дека самите го уништија бојадисувачкото чудовиште што го создадоа за лични партиски потреби, сега при неговата реинкарнација по повеќе од два месеца настапија итро и од личен интерес, барем моментно, го спасија. Доколку не реагираа правовремено и не донесоа стотици партијци, 26 септември 2016 година ќе беше денот кога шарената „револуција“ и официјално ќе беше прогласена за мртва. И така, два месеца ја одржуваа на апарати, без согласност на најголемиот дел од учесниците во неа, кои ја погребаа со потпишувањето на договорот во јули годинава, со кој партиите се обврзаа дека на 31 август ќе се договорат за избори на 11 декември. Мала забуна, можеби, им внесе Заев, кој изјави дека на 31 декември ќе се договорат за избори на 11 декември, но никој не го сфати сериозно, како и секогаш, нели.
Со договорот за договор, шарената револуција замина во историјата, како историски срам за поимот револуција. И додека сите мислеа дека единствена оставнина ќе бидат два-тројцата пратеници од нивните редови, кои на своите внуци ќе им раскажуваат дека биле дел од револуција што ја биеле жестоко и која продуцирала неколку пратеници во парламентот, кои подоцна се приклучиле на матичната партија, таа воскресна. Никој не се зачуди, напротив, има повеќе причини за нејзиното будење од мртвите.
Чуму воскреснување на мртвата „револуција”?
Првична причина за бедниот протест е неуспешната „герила-акција“ на Шекеринска, која се обиде со нудењето неколку партенички места да ги одоброволи бојадисувачите, кои за нив неуморно боеја ли боеја со месеци. Ова, очигледно, беше далеку од задоволувањето на апетитите на „револуционерите“, кои очекуваа многу повеќе од 20 евра дневница за својот ангажман. Настрана, летото помина, а тие ги потрошија парите.
Другата страна е уште пострашна за СДСМ. Со отворената понуда и ветувањето за ставање на пратенички листи на активисти од „револуцијата“, партијата ги разобличи протестите и генезата на создавањето на движењето. Ова најмногу удри по идеалистите, тие што бојадисуваа бесплатно и кои, можеби, првично паднаа на финтите за борба против „режимот“, некаква си слобода и уште понекава правда, но набргу се освестија кога болно и јасно увидоа во што и за што била целата шарена прикаска. Тие умните и излажани, кои без размислување влегоа во идеализираната сказна за некаква класна борба на левичари против „режимот“, сфатија дека биле само алатка за политичко поткусурување. Ништо повеќе, но никогаш повеќе…
Следуваше и неуспешно одоброволување со вработување „новинари“ од шарените чеда, но и таа пропадна по силниот медиумски одек на најавениот чин. Најверојатно, вработувањата во тимот за односи со јавноста на СЈО, сепак, го прекина Бејли, а не Заев или Шекеринска, Катица најмалку.
По ваквото неуспешно упикување кај „шарените“, прва причина за нејзин препород би било прикажувањето дека „револуцијата“, демек, е сѐ уште жива. Чин, кој би удрил по емоциите на заминатите, залутани во идеали и разбудени од партиската злоупотреба на шарени синови и ќерки, со кој тие поведени од носталгијата кон бојадисувањето и уништувањето институции, би се вратиле во шареното стадо во кое доминира сината боја. „Еднаш шарен, секогаш шарен“ – извикуваа вандалите во текот на минатите протести, и бојадисуваа ли бојадисуваа…
Втора причина за воскреснување на мртвата револуција е непресушната потреба од неа. Свесен дека оди во амбис, со јасно означен датум на 11 декември, СДСМ мора да мисли на каква и да е отстапница. Поради реалноста од пораз, можно е да „пукне“ во партијата , па ќе мора да се оди круто. Во превод, од СДСМ ќе мора да удрат жестоко, макар и против своите ментори од меѓународната заедница, за да предизвикаат и оправдаат трето одложување на изборите едноподруго. За да не бидат сами, нашле и некоја нова небулозна причина дека на 11 декември планетите се лошо поставени за гласање во РМ, СДСМ ќе мора да има некаква поддршка. Шарената направија, колку и да е проѕирна, им заврши работа за враќање во минатото, па зошто да не и сега. И така, зборуваме за крајно мрзлива, неинвентивна партија, која постојано игра на истите карти. А кога ги имате „шарените“ в раце, гревота би било да ги испуштите, нели…
Третата причина е многу блиска до претходната, но во овој случај воскреснувањето на „шарените“ и одржувањето партиски апарати на револуцијата би имала за цел нејзина злоупотреба по изборите, кои нема да ги признаат. Ќе загубат и Заев повторно ќе излезе и ќе каже дека не ги признава. Ако можеше 2014 година, без ниту еден поднесен приговор до ДИК, чуму да не може и сега во 2016 година, по толку легенди за неправилности на изборите? А ако не ги признаат, ќе треба да протестираат. Секако, засилени со „граѓаните“ од шарената „револуција“. Прикаска со докажан „помин“…
Затскривањето на срамот на најдобрата партиска алатка од која се очекуваше многу, а се доби само срам, би била четвртата причина за препородот на револуцијата. Земјотресот наречен интервју на Катица Јанева за МТВ (и монтирано и немонтирано) силно ги стресе надежите на СДСМ и добро ги насмеа граѓаните, кои сѐ уште беа под притисок на вистинските земјотреси во Скопско. Можеби и немаше да носат толку автобуси и да лажираат протести, доколку Катица не продолжеше со глупостите во Собрание. За жал на СДСМ, Катица призна дека не била Супермен и тресна дека експертите од СДСМ не сакале народни пари, ама таа ги натерала да ги земаат. Меѓу обвинителската пародија и меѓу криењето на трошењето четири милиони евра. Исто така, народни пари. Вака, „шарените“ во функција на играта „Милионер“ (а во врхушката на СДСМ, сосема случајно, се милионери) ја одигра улогата „повикај пријател“ и се покажаа како идолопоклоници на Сизиф, а срамот на Јанева не можеше да го скрие и покрие ништо, најмалку „неколку стотини граѓани“, кои едвај издржаа еден – еден и пол час пред да се растурат и да го наполнат „Сити мол“.
ТАЖНА ВИСТИНА: СДСМ БЕЗ ШАРЕНИТЕ = НУЛА
Тажната вистина, сепак, ги открива вистинските побуди на СДСМ во патетичниот обид за воскреснување на „револуцијата“. Анкетите, кои ги прават сите партии, но никој не ги објавува нели, кај сите покажаа дека пред и по нејзиното згаснување Шарената „револуција“ имала повисок рејтинг од самата СДСМ. Да, веројатно во оваа грда за нив математика влегуваат и гласовите на членовите и симпатизерите. И со шарените идеалисти, би биле далеку од ВМРО-ДПМНЕ, но без нив, провалијата е уште подлабока. Најновите анкети, пак, велат дека по антинационалниот и небулозен потег на лидерот на СДСМ Зоран Заев со најавата за двојазичноста, влез на исламски радикали во ЦО, врски со Косово и катастрофалното интервју на Катица Јанева проследена со дрските, безобразни и неумесни настапи во Собранието, рејтингот на партијата е во слободен пад. Секој потег на челниците и продуктите како СЈО ги симнува во очите на граѓаните, т.е. секој чин само ја доближува реалноста за нивните ментални и политички квалитети и способности. Рејтингот паѓа, а „револуционерите“ им требаат ко леб. Макар бил и шарен. А Катица, па можеби и не е Супермен, но си призна оти била човек и ја подгреја надежта на социјалдемократите дека можеби, барем е Бетмен, Модести Блејз или Загор-Те- Неј. Да, и тие се луѓе, но таа, дефинитивно, повеќе одговара на некој од ликовите во „Алан Форд.“
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 213. број на неделникот „Република“, 30.09.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.