| четврток, 6 декември 2018 |

Кој му се заканувал на Коста Крпач: ОЈО го моли СЈО да надвладее разумот и да го предаде записникот

­ Скопското јавно обвинителство чека Специјалното јавно обвинителство да му го даде записникот од распитот на Коста Крпач, во кој тврди дека имал закани и истражува кој, зошто и како му се заканувал. ­ Од СЈО информираа дека Коста Крпач трпел закани и ако сето тоа е вистина, тогаш ова Обвинителство требало да направи записник.

„Ние бараме тој записник да ни го достават за да можеме да го склопиме мозаикот за овој случај, односно дали има основа за сторено кривично дело „наведување на убиство““, велат од скопското обвинителството.

Оттаму денеска потврдија дека за нив од сите материјални докази што ги имаат и од вештачењата, неспорно е дека станува збор за самоубиство. За Скопското обвинителство се поставува прашањето што е тоа што Коста Крпач го довело во состојба да посегне по својот живот со револверот кој е негова сопственост и го поседувал со дозвола.

Досега ОЈО добило од СЈО само информации дека Коста Крпач имал закани, но ним им требало доказ за тоа кој му се заканувал за да продолжат со истрагата. Скопското обвинителство уште во мај доставило барање до СЈО за да им се предаде записникот, но до денеска не добиле никаков одговор. Оттаму апелираат до СЈО да надвладее разумот и да им го предадат записникот. За овој случај испитани се 19 лица, од кои 10 службеници од МВР кои биле на местото на истрагата на денот на самоубиството. Испитани се сите лица за кои ОЈО ценело дека би можеле да придонесат за расветлување на околностите под кои се случил овој настан.

Според Обвинителството, од истрагата произлегло дека промена на расположението кај Коста Крпач се случила на 6 април годинава, кога бил извршен претрес во неговиот дом по налог на Специјалното јавно обвинителство, а на 7 април Крпач бил испитан како сведок во СЈО и побарал заштита, бидејќи имал закани. Од Скопското обвинителство велат дека телефонот на Коста Крпач не бил вештачен, бидејќи стручните лица не успеале да го пробијат пасвордот, бидејќи имал посебна заштита. Од ОЈО Скопје посочуваат дека Коста Крпач пукал и надвор од станот, но засега е непознато кон кого и поради што и затоа апелираат до СЈО да им го достави записникот за да можате да го комплетираат случајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top