| четврток, 6 декември 2018 |

Во петок ќе се одржи првата „Мудијада“: Новинарки ќе готват мадиња

„Мудијада” е гастрономски фестивал на готвење јадења од бели бубрези, односно тестиси од животни, кој првпат ќе се одржи в петок, во ресторанот “Ореов лад”, во организација на здружение КИНГМАРКОЛЕНД, кое ја негува традицијата од времето на Крале Марко, пишува „Вечер“.  Во главна улога на интересната манифестација ќе бидат новинарки од различни медиуми кои ќе готват заедно со искусни готвачи од државава и од соседна Србија.

-Фестивалот на храна подготвена од бели бубрези претставува откривање на рецепти од заборавени древни јадења, кои некогаш се подготвувале на овие простори. Малкумина знаат на пример дека Марко Крале јадел специјалитети богати со протеини кои се идеален афродизијак. Поентата е да собереме што повеќе древни традиционални рецепти, да ги оживееме но, и да се забавуваме. Шегобијната манифестација ја организираме во соработка со МУДИЈАДА од Србија, фестивал кој нашите соседи го организираат неколку години по ред. Ги покануваме сите заинтересирани да дојдат во “Ореов лад” и за симболични 200 денари да вкусат храна од бели бубрези и поминат убава вечер со музика, информира претседателката на КИНГМАРКОЛЕНД, Гордана Јанакиевска.

Таа најавува дека следниот ден, на 1 октомври, истата приказна ќе се повтори во ресторан “Куклица­ етно”, во село Куклица, во рамките на собирот на ветеринарите. ­

-Ќе се готват свински, телешки, јагнешки, биковски…, бели бубрези по разни рецепти. Всушност, карактеристично за овие јадења е во нивната подготовка пред готвење. Најчесто се прави маринада од вода, оцет, лук, кромид, сол, мајчина душица и разни зачини. Во оваа маринада стојат 24 часа и потоа се спремни за подготовка. Потоа се динстаат пржат или варат, а јадењата се толку вкусни, прстите да ги излижеш, на смеа вели нашата соговорничка. Белите бубрези се продаваат во кланиците и во месарниците, но ги нема секаде и секогаш, па најчесто се нарачуваат однапред. Од нив се прави гулаш и тоа, велат готвачите, многу вкусен, а кога се пржат тогаш се готват на домашна животинска маст.

Храната од мадиња ја бараат и ја јадат политичари, порно­ѕвезди, познати личности, но и обични луѓе. Богати со тестостерон, се верува дека овие органи од животни се одлични афродизјаци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top