Да се биде рудар, повторно станува привлечна професија, која со гордост се работи и која повторно ќе почне да обезбедува егзистенција на голем број семејства во државава. Македонскиот рударски сектор, исправен пред предизвиците што ги носи иднината, широко ги отвора вратите на подобрите денови. Инвестициите во овој сектор комплетно ја менуваат сликата за неговиот придонес во производството и вработеноста, како и неговото учество во порастот на индустријата и на БДП. Вистинско заживување на рударскиот сектор во Македонија се очекува од наредната година со пуштањето на рудниците за олово и цинк „Злетово“ и „Тораница“, производството на бакар во рудникот во Kазан Дол, реализацијата на најавите за изградба на други рудници, но и со стабилизирањето на политичката ситуација. Сето ова би придонело за позитивни раздвижувања во рударскиот бизнис, кој повторно ќе ги крене на нозе и областите каде што се лоцирани овие рудници. Се очекува да се вработат многу луѓе, а можеби и да се вратат иселените, кои поради затварањето на рудниците досега, својата егзистенција ја побараа во други земји. Овој сектор од година на година станува сè поважен и за домашната економија, особено што Владата е посветена на доделување концесии за целосно искористување на потенцијалите со кои располага. Тие се посветени на привлекување нови инвестиции во рударството, бидејќи тоа влијае на домашната економија, се стимулираат производството и извозот, се отвораат нови работни места.
-Се рестартира производството во рудниците, се раздвижува индустријата за минерални суровини и руди, се подобрува регионалниот економски развој, се креираат дополнителни работни места, а со тоа се влијае на намалување на невработеноста и на зголемување на индустрискиот пораст – објаснува вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Во секторот рударството и вадење камен активни се 173 компании, кои учествуваат со 10,1 отсто во структурата на индустриското производство, додека кај преработката на неметали и на минерали се активни 332 компании со учество во структурата со 5,14 отсто. Бројот на вкупно вработени изнесува 12.600 работници со учество од 1,7 отсто во вкупно вработените во земјата. Експлоатација на минерални суровини се врши на 378 локации во земјава.
-Доделени се концесии за истражување на 34 локации од кои 13 локации се за метали и тоа: бакар, злато, сребро, олово и цинк. Концесиите за истражувања најчесто се доделени на странски компании, што говори дека постои голем интерес за развој на рударството во мала земја што има потенцијали и рудни резерви – вели претседателот на Македонската асоцијација на рударство, Николајчо Николов.
Македонија има богата рударска историја, но голем дел од капацитетите до неодамна беа оставени на забот на времето. Капацитетите се затвораа, пропаѓаа цели градови.Сега, пак, има обратен тренд. По цели четири децении почна изградба на целосно нов рударски комплекс во Казандол во Валандовско. Инвестицијата на „Сардич МЦ“ од 35 милиони евра ќе отвори 250 директни работни места, а ќе повлече и ангажман за градежните компании.
– Оваа инвестиција на „Сардич МЦ“ е значајна и за градежниот сектор. Се обезбедува работа за домашните градежни компании во вредност од 15 милиони евра и ангажирање дополнителни 150 градежни работници, кои ќе работат на изградба на објектите и на инфраструктурата во рудникот – изјави премиерот на земјава, Емил Димитриев.
Владата не ја заборави маката на рударите од „Злетово“ и од „Тораница“. Ги реши наследените проблеми од „Индоминерали и метали“, рудниците отидоа во рацете на бугарски „Минстрој“. Заостанатите плати се исплатени, рударите се враќаат на работа.
– Се радувам што напорите што ги започнав уште како премиер и кои подоцна продолжија дадоа резултат, во Пробиштип повторно се враќа рудникот, рударите се враќаат на работа. Целта е да се вратат сите вработени, дури и тие што заминале во некоја од околните држави. Ова ќе се одрази врз невработеноста – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Концесионерот на „Злетово“ и на „Тораница“, бугарската компанија „Минстрој“ вети враќање на сите работници, безбедни услови за работа, повисоки плати. Само во „Злетово“ се реализира инвестиција од 20 милиони евра, а оваа компанија веќе ги прави подготовките и во „Тораница“.
Најголемата инвестиција во овој бизнис е на канадската компанија „Еуромакс ресорсис“. Вложува 500 милиони евра во Босилово, во рудникот „Иловица“ за бакар и за злато. Се вработуваат повеќе од 400 луѓе. Истражувањата покажуваат дека се работи за едно од поголемите наоѓалишта на руда, со резерви од повеќе од 500 милиони тони. Годишниот капацитет на „Иловица“ се проектира на 10 милиони тони руда, а производството на 2,7 тони злато и 16 илјади тони бакар.
Новите инвестиции во рударскиот сектор во следните две до три години ќе донесат 2.700 нови работни места. Учеството на рударството во БДП на земјава надминува еден отсто, а голем придонес има во вработеноста и во извозот од Македонија.
Текстот е објавен во 212 број на неделникот Република
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.