| четврток, 6 декември 2018 |

До 5.000 евра субвенции за електричен автомобил, бесплатен паркинг, патарини, места за полнење…

Субвенции за секој купен електричен автомобил, како и повластена стапка од 5 %, наместо 18 % ДДВ се само дел од пакет мерките за заштита на животната средина кои денеска ги презентираше претседателот на ВМР0-ДПМНЕ Никола Груевски.

Мерките ќе придонесат за поволност, стимулација и заштита на домашните буџети.

Мерката субвенционирање за набавка на електрични автомобили е во насока за заштита на животната средина од штетните емисии од бензинските и дизел мотори, но и од бучавата. Возилата на електричен погон имаат нула проценти загадување. Енергенсот на овие возила е електрична енергија. Тие возила можат да се полнат со различни полначи – брзи и побавни, за време од 15 минути до 4 часа. Полнењето може да се прави и дома на обичен трифазен штекер за време од 8 часа, посочи Груевски при промоција на пакет мерките.

– Европа нуди различни стимулации за користење. Наша цел е следње на трендот за користење на овие возила. Електричниот автомобил може да вози до 300-400 км, a од година во година се повеќе подобруваат овие перформанси, како на времетраењето на батериите, така и на полначите и самите автомобили. Полнењето не бара голем трошок за струја, а автомобилите се побрзи и помалку се расипуваат- рече Груевски.

Оваа мерка опфаќа повеќе мерки за поттикнување на купувањето на електрични автомобили, кои би започнале со реализација од 2017 година:

  • Увозот на електрични автомобили е со нула денари царина и нема да имаат акциза. При купување на нови електрични автомобили, тие ќе имаат повластена стапка од 5 %, наместо 18 % ДДВ, со што директно се влијае за намалена цена од 20% во старт.
  • Владата ќе дава субвенција за електрично возило од 3,500 евра за возило вредно до 20.000 евра, како и 5.000 за автомобил вреден над 25.000 евра. Мерките важат и за физички, но и за правни лица кои ќе купат до 5 возила.
  • Сите електрични автомобили ќе бидат ослободени од патарини на сите места за 10 години, односно до 2027 година.
  • Годишната регистрација на овие возила ќе биде бесплатна во следните 10 години. Се планира да има поинаква регистарска табличка за да може да бидат препознатливи при користењето на поволностите.
  • За електричните автомобили предвиден е бесплатен паркинг на секој јавен, државен паркинг во 10 години, а во сите подземни и катни гаражи обележани места само за електричните автомобили. На овие паркинзи, како и на оние дадени под концесија предвидено е да се постават бавни полначи во износ од 5% од паркинг местата, а тие места да бидат најатрактитвните. Предвидени се и набавка на два брзи полначи, а ќе се наплаќа според тарифа од Регулаторната комисија , за да не дојде до злоупотреба.
  • Според мерките кои денеска ги презентираше Груевски, се предвидува вакви полначи за електрични возила да се постават и во други градови, а во иднина приклучоци да се постават и при изградба на нови станбени објекти. Предвидено е полначи да бида поставувани и кај хотели и гаражни места.
  • Мерките предвидуваат етапно покривање на патната мрежа низ Македонија, автопатиштата, магистралните и регионалните патишта, со полначи за електрични автомобили на бензинските пумпи на сите патни правци. Планирана е и апликација за мобилен телефон на кој ќе биде прикажана нивната локација.
  • Електричните автомобили ќе имаат приоритет да возат и на приоритетно место, во линиите каде се планирани да се движат автобусите и такси- возилата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, најави и дека градот Скопје ќе почне со набавка на електрични автобуси и дека ќе се стимулира отворање на такси-компанија со исклучиво автомобили на електричен погон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top