Шефот на француската дипломатија Жан Марк Еро денеска предупреди дека Русија и Иран ќе „станат соучесници во воените злосторства“ доколку продолжат да го поддржуваат режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад. Тој ги повика Москва и Техеран „да преземат одговорност така што ќе ја запрат стратегијата што води во ќорсокак“.
– Во спротивно Русија и Иран ќе станат соучесници во воените злосторства направени во Алепо, посочи Еро.
Претходно, британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон ја обвини Русија дека ја пролонгира војната во Сирија и оти ја влошува ситуацијата во земјата. И тој потенцира дека Русија би можела да биде виновна за воени злосторства.
На обвинувањата на Џонсон одговори портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
– Се е точно, освен два збора: наместо „Русија“ треба да се стави „Велика Британија“, а наместо „Сирија“ „Ирак“, напиша Захарова на Фејсбук.
Во меѓувреме главните сириски бунтовнички групи истакнаа дека не можат да ја прифатат „Русија како посредник, бидејќи е партнер на сирискиот режим во злосторствата против нашиот народ“.
Тие тврдат дека сириските сили поддржани од Русија употребуваат напалм и хемиско оружје, за што не ги казнува меѓународната заедница.
Во соопштението потпишано од над 30 групи на бунтовниците се посочува дека се интензивираат бомбардирањата на руските и сириските авиони врз Алепо, со што осуден е на неуспех каков било мировен процес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.