| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Дамјановски ја кочи изградбата на канализација и водовод во Кумановско

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска обвини дека градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски ги кочи и не сака да се реализираат проектите за изградба на канализација во Романовце и водовод во Пчиња.

Според Груевски, се работи за најгорливите проблеми на жителите од овие две населени места. Рече дека во Романовце бил минатата година, разговарал со жителите и дека обезбедиле средства преку Министерството за транспорт и врски. Средствата, како што рече, се наменети за изградба на канализацијата или за подготовка на проект, доколку тој е потребен.

– И за двата случаја се обезбедија средства од Министерството за транспорт и врски, и за градба и за се друго што е поврзано со градбата на водоводот и канализацијата. За жал, градоначалникот на Куманово не ги оствари ветувањата што ги имаше кон нас, рече Груевски.

Додаде дека иако изнашле и обезбедиле доволно средства за градба, како што рече, се ставиле на располагање и доколку излезе поскап проектот да му се излезе во пресрет и тоа да се плати.

– Одржан е состанок, двапати се имаат сретнато министерот за транспорт и врски и градоначалникот на Куманово, и уште еднаш со службите. На последниот состанок е направен записник со кој градоначалникот на Куманово се обврза овој јануари да ги предаде проектите и барање до Министерството за транспорт и врски. Тоа е предуслов за да може Министерството да ги инвестира парите и да ги даде за изградба на водоводот и канализацијата, рече Груевски.

Од јануари до денес, како што рече, поминаа речиси девет месеци и градоначалникот ниту поднесува барање, ниту проекти, ниту ги користи средствата и на некој начин тие ќе пропаднат.

– За жал, жителите на Романовце и Пчиња нема да може да го добијат тоа што Владата им го овозможува, но градоначалникот го кочи преку тоа што не ги исполнува формалните законски обврски, а тоа е да поднесе барање и да даде проект, рече Груевски.

Од овие причини, како што нагласи, во разговор со министерот за транспорт и врски заклучивме дека дефинитивно градоначалникот не сака да ги реализира овие проекти.

– По толку време, по повеќе од една година натегања, ветувања, состаноци итн., се договоривме во новата програма да ги предвидиме овие средства на начин со којшто ќе се трудиме да го заобиколиме градоначалникот и преку некоја друга институционална можност да бараме начин да се инвестира во канализација и водовод во Романовце и Пчиња. Многу ми е жал што иако обезбедивме средства, прилично големи средства, не се успеа да се убеди градоначалникот само да поднесе барање, бидејќи од него пари не се бараат, рече Груевски при денешната посета на Куманово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top