| четврток, 6 декември 2018 |

Не прашувајте ја каде се парите: Катица е македонскиот Робин Худ, зема од народот за да му даде на СДСМ

Нашата опсесија со Kатица по малку е и неразбирлива. Зашто ние си имаме лидери. И ним им рекоа, а потоа и тие нам, дека Kатица е наша. И ние сме нејзини. И Фатиме и Ленче. И оние останатите нејзини врвни обвинители кои секоја земја би ги посакала, ама ете тие тука останаа за наше добро. Па затоа, кога Kатица е наша, а ние сме Kатини, нормално е таа така и да се однесува. И логично од ова произлегува дека таа сега има право на сите, освен на оние што ѝ шепкаат, и на оние што ги плаќа, со наши пари, разбира се, да ни вели: „Kој ве е..! Три дена ме држите овде, во Собрание, наместо да работам.“, пишува Дарко Јаневски во колумната „Катица е наша, ние сме Катини“ во „Дневник“.

Тоа е истата Kатица која наводно го гони Заев за „Пуч“, а вели дека на суд ќе го прашала за прислушувањето. Еј, обвинител влегува во судница без да земе изјава од еден од првообвинетите? Ќе се потпре на тоа од претходникот кого истиот првообвинет не го признаваше? Па за што е тогаш таа изгласана?

И затоа, во право е жената. Kое е пак тоа Собрание нејзе три дена да ѝ бара отчет? А? Со што тоа Собрание покажало дека има авторитет? Во комунизмот се велеше дека тоа е врвот на трите власти. Тоа е нашиот Монт Еверест. Денес, формално трите власти се еднакви, но реално, уставно, Собранието има многу повеќе механизми да ги дисплинира останатите власти отколку тие него. А сепак, со Собранието кој стигне брише под. Kако и со владата и со судството.

А нашата Kатица е жив човек, па нормално е тука и таму да ја изнервираат. И да ѝсе слоши. На пример, кога ќе ја прашаат каде и на кого ги троши парите. Од друга страна, пак, таа ги троши на исто место и на ист начин како и Собранието кога потроши 700 илјади евра на плати на пратеници што не беа тоа и што не доаѓаа на работа. Горе-долу му доаѓа на исто. И тоа, и ова со Kатица, е македонска варијанта на Робин Худ. Тој земаше од тие што имаат и им даваше на тие што немаат. Овде кај нас е исто, само што повторно, во согласност со нашата култура и традиција има мала модификација, па се зема од тој што нема и се му дава на тој што има. Битно е дека парите се вртат, а ако прашаш кој било економист или бизнисмен, ќе ти го каже истото.

Иако, не ја разбирам Kатица. Нејзе ѝ дадоа еден милион за лани, четири и следат за оваа година. Веројатно нема да најдете човек во Македонија кој нема да се согласи да добие четири милиони онака истресени од ракав, па потоа некои пратеници нека го прашуваат каде ги потрошил. И нека критикуваат. Инаку, во согласност со принципот на балансираност, сè уште ги чекаме наместените интервјуа на МТВ со сите што Kатица Јанева ги гони. И го чекаме извештајот на Агенцијата за тезги (чии плати никој жив не ги знае) и ад хок телото за заебавање со народот за балансираноста на јавниот сервис. И додека го чекаме, сè некако на човек му доаѓа да помисли: ако е вака кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, како ли би било да не е. Со мала забелешка: колку е точен делот од реченицата „кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт“? Всушност, има ли власт во државава? Има, се разбира, за оној дел од државата што се именува како обичен народ. Немој тој дел од државата некого криво да погледне.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top