Оваа година издавачката куќа „Матица македонска“ одбележува 25 години постоење. Како прв човек на ова издаваштво, кажете ни што значи за Вас еден ваков јубилеј?
Павлески: „Матица македонска“ почна да работи на 24 август 1991 година. Како што забележува во архивските списи на Матица нејзиниот основач и патоказател, Раде Силјан: „Тоа е период во кој постоеше голем ентузијазам кај сите, а можеби и задоцнет романтизам. Но, тоа е време и на предизвици: и човечки и творечки. Еуфоријата на новото време за Република Македонија го зафаќа и издавачкиот сектор, а континуитетот на македонската книга и слово продолжува преку иницијативата на помалите издавачки куќи екипирани во спој на младоста и искуството“.
Во изминатите 25 години „Матица македонска“ публикуваше повеќе од три илјади наслови од сите области на општественото живеење. Објавивме дела од најзначајните македонски писатели, научници и публицисти во тираж од над пет милиони примероци. И, особено сме среќни што екипата што работи во „Матица“ се грижи македонската книга да биде пласирана не само во нашата татковина, туку и во странство. Веќе имаме воспоставено соработка со многу национални библиотеки, со славистички центри и со специјализирани книжарници во европските и во прекуокеанските земји. Посебно сме горди на едицијата посветена на македонското културно наследство, во која веќе имаме објавено двесте монографски изданија за македонските цркви и манастири, за македонската резба, за македонскиот фолклор и народни носии, за нашата народна митологија итн. Во овој поглед, секако, треба да се издвои и едицијата „Избрани дела“, во која се објавени дела од Марко К. Цепенков, Кирил Пенушлиски, Вера Битракова-Грозданова, Лидија Славеска, Танас Вражиновски, Цветан Грозданов, Блаже Ристовски, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Божин Павловски, Ташко Георгиевски, Паскал Гилевски, Јован Павловски, Иван Чаповски, Благоја Иванов, Милан Ѓурчинов, Луан Старова, Витомир Митевски, Никола Кљусев, Петар T. Бошковски, Иван Чаповски и други. Тоа се проекти од капитално значење за македонската култура. Во реализацијата и во осмислувањето на целокупната издавачка дејност во изминатите 25 години, посебно треба да го одбележам големиот ангажман на основачот на „Матица македонска“, мојот татко Раде Силјан, кој нѐ упати мене, братот Никола и мојата сестра Илина во тајните на издаваштвото.
Респектабилна бројка е 25 години, а да се биде издавач 25 години е уште пореспектабилно. Како се справувате со предизвиците? Тешки се времињата за книгата…
Павлески: Да се занимаваш со издавање и со пласман на книги во мал јазичен простор е исто како да одиш по жица. Во секој поглед ја делиме судбината со сите сфери на нашето живеење. Тешки или лесни, времињата се тие. Ние не го сфаќаме издаваштвото како трка на сто метри. За да се одржуваш и да успеваш во ова сфера, потребни се многу одрекнувања, несебична посветеност, креативност во обликувањето препознатливи едиции, во наоѓањето добри наслови. Повеќе од шестотини автори, повеќе од три илјади наслови, повеќе од 5 милиони книги во македонските домови и библиотеки, сето тоа е убав показател за успехот кога со љубов гледаш кон работата. И не само во Македонија, наши книги има и во библиотеките во Вашингтон, Москва, Париз, Лондон, Рим. Книги на македонски јазик има во многу книжарници и светски дистрибутери. Во нашите салони, кои прераснаа во духовни сврталишта, настојуваме да имаме непосреден контакт со љубителите на книгата. Таа наша определба ја препознаа книгољупците и затоа денес бројот на членовите е над четириесет илјади. Тоа се луѓе од разни професии, со кои постојано контактираме и заемно се информираме за многубројни активности. Едноставно, не само јас, сите во тимот на „Матица“ ја сакаме оваа работа, сакаме да бидеме опкружени со умни луѓе и да учиме од нивната животна мудрост. Преку книгите сакаме да оставиме белег и печат на времето во кое живееме, сакаме книгите да бидат на врвот на приоритетите во едно современо општество зашто книгата е тренинг на умот. Преку акцијата „Читај повеќе“ на некој начин се обидовме книгата да биде сечие секојдневие зашто колку повеќе книги, толку повеќе убави зборови и мисли полни со убавина, а од зборовите што ги користиме да создаваме романтични приказни. Емпатија, љубов и подобро општество. Книгата е огледало на секого, а секој човек носи роман во себе, а пишаното и прочитаното остануваат засекогаш. За нас книгата е свет во кој има простор за секого.
Често се вели дека луѓето веќе не читаат. Но, Вашата издавачка куќа неодамна излезе со анкета која го потврди спротивното. Конечно, какви се Вашите искуства од практиката? Се чита ли во Македонија?
Павлески: Изминатите години покажуваат дека во Македонија има читателска публика. Во „Клубот Матица“ минимум двапати годишно се спроведуваат анкети од чиишто резултати можеме да добиеме реална слика за бројката на читатели во Република Македонија. Впрочем, интересот за многуте акции и кампањи, литературни читања и манифестации, јасно ја покажува бројката на македонските читатели. Сите анализи и анкети, и теоретски и практично, ни покажуваат дека од ден на ден има сѐ повеќе читатели, а тоа ни ја дава можноста да разговараме за книгата како темелна вредност во едно современо општество. Радува фактот што сѐ повеќе млади луѓе ги посетуваат и сѐ повеќе време минуваат во книжарниците. Без разлика на брзото темпо на живот и електронската доминација на светскиот пазар, сепак книгата останува еден предмет за кој луѓето знаат дека тоа е единственото нешто што може да го купат за да бидат навистина богати.
Што преферира македонскиот читател – странски или домашни автори?
Павлески: Најважно е што понудата е голема и богата со широк спектар на автори, наслови и приказни. Се разбира, понудата е многу поголема од странските автори, но во последните неколку години се изродија плејада млади, нови и талентирани македонски автори за кои сметам дека, со квалитетот што го поседуваат, остроумноста во речениците и размислувањата што ги имаат, сигурно би успеале и во светски рамки. Ако само се потсетиме на сликите од последните промоции на Верче Карафилоска, Ксенија Николова, Ана Бунтеска, Тихомир Јанчовски, Јован Илиевски итн., ќе ни стане многу појасна сликата колку македонските автори во последниве неколку години се читани и ценети од домашната публика. Ќе повторам, сите треба да нѐ радува податокот што од година во година, во книжарниците има сѐ повеќе млади луѓе, а исто од година во година, на македонскиот книжевен пазар има сѐ повеќе млади и талентирани автори. Авторот и читателот се две половини од една цело.
Сметате ли дека опстанокот на печатените книги е загрозен од е-книгите?
Павлески: Живееме во ера на дигитализација и забрзано темпо на живот со сѐ помалку време за вистинските вредности. Се разбира, во последните години електронското издаваштво во светски рамки е во подем. Податоците говорат дека до 2009 година само околу 4 проценти користеле електронски читачи за книги, додека во 2012 година процентот пораснала на 13. Од информациите што ги добив од нашите партнери при моите гостувања и посети на поголемите светски книжевни настани во Лондон и во Франкфурт, електронското издаваштво својот зенит на светски рамки го достигнува во 2012 година, со што одзема голем процент од читателската публика на традиционалната книга. Но, податоците од последните две години говорат дека традиционалната книга повторно е во мода, а со тоа и вербата дека традицијата создавана со векови ќе опстојува уште многу време. Македонската книга е дел од тој свет.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 212. број на неделникот „Република“, 23.09.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.