Родена на: 9 февруари 1965 година во Гевгелија
Образование: замислете Правен факултет!
Професија: јавен обвинител, специјален
Народната збирајте се слепци-помагалци, ќе ја мажиме Дремушка никогаш не била посоодветно употребена како што може да се употреби оваа недела. Се собрало и шуто и рогато и свето и проклето ќе ја оправаат Катица. Цела армија грлати, речити, грамотни за да ги исперат десетте минути срамотни.
Оваа недела, иако рубриката се вика „Личност на неделата“, се чини непотребно е да се пишува за Катица Јанева, за неа сте прочитале и ќе прочитате дури и во рубриките забава и живот. Катица неделава ја има и во емисиите за готвење, смеење и во оние за верување и неверување. Но, оваа личност која ја обележа последнава година, е посебна затоа што успеа за десет минути да собере армија војници-гласноговорници, кои со сета елоквентност какова што нема обвинителката се разгрлатија во нејзина одбрана. Затоа, иако јадрото е Катица, овој текст им е посветен на избелувачите на нејзиниот образ. Оние варикина-новинари.
„Да, Катица Јанева не е оратор. И не мора да биде. Ниту тоа се очекува од неа. Таа нема никакво искуство пред камери, бидејќи тие никогаш не биле дел од нејзината професионална средина. Но, едно е јасно. Таа не калкулира. Не глуми. Не се претставува поинаку и повеќе од она што е – специјален јавен обвинител. Нејзината „елоквентност“ не се цени во ничиј тв -дневник, туку во судница.“
И тогаш кога Катица и Специјалното обвинителство ќе бидат страница во историските читанки, текстот ќе започне со овој пасус. „Да, Катица Јанева не е оратор“, како што беспомошно напиша Катерина Блажевска во обид да ѝ го избели образот на специјалната која ретко успешно се изрезили за државни пари на државната телевизија. „Да, во тоа е катастрофата“, вика разумот.
„И не мора да биде“ – па зарем вие кои раѓате и убивате со зборот, со јазикот и со острото перо и бестрашниот став, вие велите дека не мора да биде?! Па, што да биде јавен обвинител, ако не оратор? Катица не е програмер, не е сметководител, не е дактилограф. Катица треба да биде гласот на правдата, затоа е и избрана да биде специјална.
„На Катица Јанева под прозор можете да ѝ плукнете“, поентира Борјан Јовановски, иако со целосно изместен фокус на поентата. Под прозорецот од новите простории кои нудат далеку подобри услови? Или да ја поплукаме од уроци под сите прозорци.
„Го изгледав материјалот и ништо спорно“, смета Ида Протуѓер. Добро штом новинар мисли така. Ако нема ништо спорно, да ги изгасиме рефлекторите и да си легнеме. Не е спорно што јавната обвинителка не успеа не успеа бескомпромисно да се избори со напишаните одговори.
„Згрешила поретпоставувам заради камерите не заради нестручноста“ – Кабранов е еден чекор зад другите, кои успеале да се самоубедат дека Катица не е национална катастрофа (до толку). Кабранов се уште работи на себе, тој претпоставува. Ни самиот не е сигурен зошто е Катица на функција, а уште помалку пред камера. Ацо, држи се, се уште има спас за тебе.
Ужасно, срамно и понижувачки започна втората година од работата на СЈО. Иако освен врвен театар не видовме ништо врвно во работата на ова обвинителство, уште помалку врвен професионализам и бескомпромисна борба за правда, како што помпезно се најавуваше, сепак, ни најголемите скептици не беа подготвени да видат ваква форма на врвен срам и недостаток на елоквенција, или со жестокоста на Ванковска:
„Мојот став за оваа жена е ист како и пред една година: и тогаш и сега оценувам дека таа има интелектуална, ама и професионална инсуфициенција! Ова е национална катастрофа, никој жив веќе не верува дека оваа може да води институција“.
Текстот е објавен во рубриката „Личност на неделата“ во 212 број на неделникот „Република“, кој излезе од печат на 23 септември 2016 година
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.