Специјалната обвинителка Катица Јанева се чувствува подобро и денеска ќе присуствува на собраниската комисија- одговорија од СЈО за Република. Сепак, на прашањето за каков здравствена проблем станува збор, портпаролката на СЈО, обвинителката Ленче Ристоска се обиде да „протне“ дека се работи за приватност и дури и да оцени дека се работи за некултурно прашање.
-Сепак е здравствена состојба и никој нема право, верувајте дека и јас ја немам прашано затоа што ако никој не ви каже што е здравствениот проблем, мислам дека и не е културно да се праша- смета Ристоска.
Но, во околности кога здравствената состојба битно влијае врз работа поврзана со јавните работи во општеството, како вршење јавна функција, или активности со општествен импакт, медиумите имаат право да пишуваат за неа, без оглед што таквите информации ја засегаат приватноста на луѓето. Со оглед на општествено- политичката состојба во Македонија, Специјалната обвинителка Јанева извршува јавна функција со огромен општествен импакт, значењето на здравствената состојба во однос на вршењето на таа функција е информација која е важна за јавноста.
За потсетување, преку видео снимките од собраниската комисија посветена на извештајот за работата на СЈО, забележа дека Јанева пие лекови, а потоа и заради влошување на здравствената состојба на Јанева, седницата беше прекината. За време на седницата, Јанева со своето однесување излегуваше од рамките на пристојноста и достојноста за функцијата која ја претставува, ги навредуваше пратениците, не даваше одговори. Сето тоа е само продолжение на скандалозното однесување на Јанева за време на интервјуто дадено за Јавниот сервис.
Но, за портпаролката на СЈО Ристоска, медиумите имаат право да прашаат, но не да дознаат дијагнози или конкретно што се случува со здравјето на Катица Јанева.
-Влијае до оној степен кога јавноста треба да биде информирана дали некој е во можност или не е во можност да ги врши функциите за кои се очекува да ги врши. Вчера, со оглед на тоа дека здравствената состојба на обвинителката беше влошена, а тоа секому може да се случи, не беше во можност, и така и кажавме, дека „не е во можност“. Денеска е значително подобро и денеска обвинителката ќе се јави во Собранието. И тоа е се што е релевантно и што треба да се знае- нагласува Ристоска за Република, која повторно не уверуваше дека ниту таа не ја прашала Јанева што точно се случило и за каква состојба се работи.
Така, Ристоска од една страна уверува дека таа ниту ја прашала Јанева, ниту дека знае за каква здравствена состојба се работи, а од друга страна посочува дека лицето чија здравствена состојба била „влошена“ и е под лекарска контрола и надзор, е во можност да врши функција со огромен општествен импакт. Второ, токму соопштението на СЈО укажува на долгорочна здравствена состојба, која според денешните зборови на Ристеска, може и да се влоши. Оттука, повторно, Република како медиум има целосно право, штитејќи го јавниот интерес, да прашува и да пишува за здравствената состојба на специјалната обвинителка Катица Јанева, иако тоа прашање задира во приватноста. Јавноста пак треба да се потпре на личните проценки и аналогии на Ристоска дали Јанева е или не во состојба да ја извршува својата функција, иако за тоа Ристоска нема информации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.