| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов во ОН: Јас сум Македонец, моите сограѓани се Македонци и од оваа говорница ви се обраќам на македонски јазик

Јас сум Македонец, моите сограѓани се Македонци и од оваа говорница ви се обраќам на македонски јазик. Бараме сите да не почитуваат како Македонци, како што ние го почитуваме правото на сите да се идентификуваат така како што се чувствуваат. Како што ние, на сите им го почитуваме правото на самоидентификација и човеково достоинство, бараме истото да се однесува и на нас. Сакаме како Македонци да соработуваме и да имаме најдобри односи со сите наши соседи, порача претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во обраќањето на 71. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, говорејќи за прашањето за името.

Според македонскиот претседател, поради двојните стандарди и непочитувањето на меѓународното право, меѓународниот поредок полека деволуира во, како што рече, глобален хаос и непоредок, а во својот четврт век независност, Република Македонија ја почувствувала оваа сурова реалност.

– На нашиот пат кон меѓународно признавање и интегрирање се соочивме со многу блокади и претрпени штети. Се соочивме со негирање на правото на самоидентификација на македонските граѓани, без кое нема ниту интегритет на човековата личност, ниту човечко достоинство. Поради ова прашање, дури и денес сме блокирани во меѓународни организации, како НАТО и Европската унија. Веќе 5 години Република Македонија чека меѓународната заедница да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата, рече претседателот Иванов.

Деновиве од устите на многу државници, тука, од ова место, ќе слушнете за неопходноста од почитување на меѓународното право. Но, исто така, многумина по заминувањето од ова место ќе заборават на она на кое повикуваат. Пресудата од Меѓународниот суд на правдата во спорот меѓу Македонија и Грција, донесена уште пред 5 години – на неа потсетив и пред 2 години од оваа говорница. Но, пресудата до ден денес не е испочитувана. Ова е еден од школските примери за неефикасноста на нашата светска организација, рече претседателот Иванов.

Неодлучноста на Европската унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија, рече претседателот Иванов, беше една од главните причини за постојаната внатрешнополитичка криза во Македонија што кулминираше оваа година.

– Последиците од блокадите станаа причини за нови блокади. Но, Република Македонија не е исклучок. Целиот регион на Балканот стагнира. Одново се јавуваат ретроградни процеси. Балканските држави наивно веруваа дека некој од надвор ќе им ги реши проблемите. ЕУ очигледно ја нема таа моќ, рече македонскиот претседател.

Решението за разликата околу името, според македонскиот претседател, треба да се бара во рамките на Времената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Заедно со примерок од говорот на претседателот Иванов, до сите учесници на 71. ГС на ОН беше дистрибуиран и документ со преглед од најважните поенти од Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 5 декември 2011 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top