Лондон и другите големи градови во светот треба да бидат подготвени за можни терористички напади, изјави при враќањето од Њујорк градоначалникот на британската престолнина Садик Кан.
– Тоа е реалната состојба на нештата. Се плашам дека Лондон, Њујорк и другите големи градови треба да бидат подготвени за тоа, истакна Кан, кој се наоѓаше во САД, кога во центарот на Менхетн во саботата беше активиран експлозив и при тоа беа ранети 29 лица.
Лондонскиот градоначалник ги повика специјалните служби да бидат „будни“ за евентуални терористички закани и да бидат во постојан контакт со локалните општини.
– Тоа значи дека службите за безбедност треба да бидат подготвени, а исто така да има и размена на мислења и искуства – нагласи Кан.
Минатата година во Обединетото Кралство беа задржани 315 лица осомничени за терористички дејности.
Терористичката закана во земјата од ниво на „критична“ премина во „сериозна“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.