Поранешниот француски претседател Никола Саркози, кој води кампања за да биде избран од неговата конзервативна партија за кандидат за претседател на Франција на изборите во 2017 година, се заложи за „строга политика кон емигрантите“, оценувајќи дека шенген-зоната веќе не постои.
– Сакам да избегнам Франција да биде поплавена од бегалци – рече Саркози.
Аналитчарите оценуваат дека овие и претходните изјави на Саркози за тоа дека и на натурализираните Французи „предци им се Галите“, само покажуваат дека во десницата се води жестока и отворена кампања за изборот на кандидат за француски претседател.
Од Кале, каде што според проценките има околу 10 до 12 илјади емигранти, Саркози се заложи за „систематска контрола на сите граници, со цел Франција да не биде поплавена од емигранти“.
Саркози, кој во 2003 година како министер за внатрешни работи се договори со Велика Британија за поместување на британската гранична контрола на француска територија во Кале, сега смета дека за тој договор треба повторно да се преговара бидејќи „Французите немаат цел да им бидат цариници на Англичаните”.
Запрашан за начинот на кој може да се реши прашањето со мигрантите во Кале, Саркози се заложи за систематска контрола на границите, потенцирајќи дека шенгенот веќе не постои.
Тој ја обвини државата дека не ги исполнува своите надлежности во Кале и тврди дека ако биде повторно избран за претседател на Франција, ќе го реши проблемот во текот на 2017 година.
Според него, во емигрантскиот камп „Џунгла” во Кале има два вида население, тие кои сакаат да заминат во Велика Британија и тие кои сакаат да живеат во Франција. Според него, за првите е потребено да се направи сместувачки центар додека се разгледуваат нивните барања за влез во Велика Британија, додека секој од оние вторите, кој не поднел барање за азил или добивање статус на политички бегалец во Франција, ќе биде протеран.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.