Македонската филхармонија го најави свеченото отворање на новата концертна сезона 2016/2017.
-Ја имаме честа годинава, на првиот концерт, и прв пат во Скопје, да настапи светската виолинистичка ѕвезда Мидори од Јапонија, која живее во САД, и која критиката и публиката ја сметаат за една од највиртуозните уметници на новата генерација класични уметници, велат од Македонска филхармонија.
Славната Мидори ќе го изведе атрактивниот Концерт за виолина и оркестар од оскаровецот Ерих Корнголд.
-Почетокот на новата сезона е на 6 октомври во Домот на АРМ во 20 часот. Концертот носи наслов „Животот на херојот“, а таа вечер ќе биде изведено и истоименото грандиозно, мошне интересно, но и многу комплексно дело на Рихард Штраус. И овој пат, диригентската палка му ја доделивме на маестралниот Емил Табаков од Бугарија, рече директорката Маја Чанаќевиќ, на денешната прес-конференција.
Годинава стартуваат и со нов дизајн во однос на маркетиншкиот сегмент.
-Теглата во која што се ставени нотни знаци, е новиот симбол кој ја претставува музиката како подеднакво слатко уживање и задоволство, како што претставува едно слатко парче чоколадо или торта. Уживаме и во едното и во другото, се сладиме со уметност, истакна Чаначевиќ.
Покрај концертот на отворањето, љубителите на музиката ќе имаат можност до крајот на годината да проследат навистина интересни музички настани, да проследат настапи на врвни солисти и диригенти, да бидат сведоци на премиерни дела.
На сцената, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапат и извонредните и повеќенаградувани пијанисти – Лукас Вондрачек од Чешка, Џорџ Ли од САД, нашиот Дино Имери кој зад себе има и интернационална кариера, потоа Оли Мустонен од Финска. Солисти со Македонската филхармонија ќе бидат и нашите виолинисти, исто така со завидна меѓународна кариера – Ѓорѓи Димчевси и Сихана Бадивуку, но и светски признатиот виолинист Нинг Фенг од Јапонија.
Публиката ќе ги чуе и харфистката Мојца Злобко од Словенија, а за прв пат во Македонија атрактивната Ксенија Сидорова на хармоника од Русија и светски признатата саксофонистка Ејми Диксон од Австралија, која е фокусирана претежно на модерната музика, повеќенаградуваниот Иштван Вардаи на виолончело од Унгарија, еден од најдобрите хорнисти во Европа – Штефан Дор од Германија, нашата сопранистка Милена Арсовска која сега го оди патот до светската слава.
-Се разбира, големо внимание, покрај солистите, посветивме и на изборот на диригенти. Зад пултот ќе застанат нашите маестра Борјан Цанев и Саша Николовски-Ѓумар, потоа миленикот на македонската публика Емил Табаков, извонредниот Јерухам Шаровски од Израел кој диригира со престижни оркестри, импресивниот Кејс Скалионе од САД кој беше наш гостин и минатата година и кој реализираше навистина одличен концерт, Даниел Рајскин од Русија кој исто така го познаваме од прекрасниот настап лани, потоа добинтикот на наградата „Ловро фон Матачиќ“ – Со Аватсуџи од Јапонија, како и нам добро познатиот маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, рече Чаначевиќ.
Концертите и овој пат носат одредени наслови кои укажуваат на програмската определба. Покрај оној на отворањето „Животот на херојот“, останатите концерти се насловени „Рапсодија“, „Импресии“, „Enfant Terrible“, „Пролет во ноември“, „Гротеска“, „Виолиниски бравури“, „Чајковски: смеа и тага“, „Моцарт vs Шенберг“, „Автентичност и Барток“, „Гласот на славејот“, „ББ“.. Годинава продолжува интересниот циклус „Алхемија“, овој пат со два концерти – настапот на врвната Ксенија Сидорова на хармоника која ќе го изведе Концертот за бандеон „Аконкагва“ од Астор Пјацола, и настапот на два пати „Греми“ номинираната саксофонистка Ејми Диксон.
Како ексклузивни проекти Македонската филхармонија ги најавува концертот на светскиот џез-трубач Душко Гојковиќ со неговиот Квартет, потоа традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените, годинава насловен „Париз те сакам“ и посветен на француската шансона, како и концертот „Видео игра“ кој ќе ја донесе музиката од најновите видео анимации. Содржината на мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“, пак, повторно ќе остане изненадување до самиот почеток на неговото одржување, традиционално во јуни.
Програмата на новата концертна сезона е шаренолика, интересна, атрактивна, наедно и комплексна, а ќе претстави дела на Чајковски, Рахмањинов, Шостакович, Равел, Дебиси, Прокофјев, Моцарт, Бетовен, Шуман, Шнитке, Сен-Санс, Бизе, Барток, Голиов…, и се разбира македонски дела, некои од нив ќе прозвучат премиерно, а со некои ќе се одбележат значајни јубилеи на македонски композитори.
И годинава, за најмладата музичка публика ќе бидат изведени редовните симфониски концерти за деца кои ќе донесат интересни звучни мигови, но ќе се воведат и нови проекти за најмладите, музички работилници и мултимедијални концерти со кои ќе се прошири оваа дејност на нашата институција. Првиот симфониски концерт за деца носи наслов „Суперхерои“ и ќе биде одржан на 15 октомври во Домот на АРМ, на кој ќе се изведат композиции од познати филмски остварувања како „Спајдермен“ „Супермен“, Хари Потер“, „Џејмс Бонд“, „Пиратите од Карибите“ итн.
Во пресрет и на новата концертна сезона 2016/2017 за љубителите на музиката Македонската филхармонија ги обезбедува традиционалните претплатнички циклуси „Фортисимо“, „Мецо“ и „Пијанисимо“, кои веќе се во продажба. Билетите се исто така пуштени во продажба, а освен на билетарата во Домот на АРМ, можат да се купат и онлајн на www.mktickets.mk и www.kupikartizase.com. Инаку, сите заинтересирани можат да ја погледнат програмата и преку апликацијата за телефони на име Македонска филхармонија.
И, она што за Македонската филхармонија е најважно, а што ќе се случи во новата 2017 година, е преселбата на оваа институција во својот нов дом кој долго време се очекуваше. По повеќе од седум децении, Македонската филхармонија ќе добие нов простор во кој се сместени две концертни сали, дом направен според светските стандарди за ваков вид на институции, музички храм во кој ќе уживаат сите љубители на квалитетната музика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Авангардни патишта“ – концерт на Дејв Вилсон и Ричард Валитуто
-
Музика од научнофантастични филмови со Македонската филхармонија
-
Овој четврток: Врвниот тромбонист Џозеф Алези со Македонската филхармонија на симфонискиот концерт „Руска игра“
-
Бетовеновата „Деветта“ утре во Македонска филхармонија под диригентската палка на Густав Кун