| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов – ­Туск: И покрај предизвиците, проширувањето на ЕУ мора да продолжи

ivanov-tusk

­Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во Њујорк имаше средба со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск. На средбата се разговараше за состојбата со евроинтеграцијата на Република Македонија, како и за предизвиците коишто произлегуваат од мигрантската и бегалска криза, особено безбедносниот аспект, соопшти кабинетот на Иванов.

Македонскиот претседател нагласил дека Република Македонија ќе го продолжи реформскиот процес, со цел достигнување на европските стандарди и критериуми и ќе продолжи да придонесува за регионалната соработка, во одржувањето на стабилноста и просперитетот на регионот на Југоисточна Европа.

Република Македонија, истакнал претседателот Иванов, бара еднаков и правичен однос од европското лидерство и од сите земји­членки на Европската унија и очекува да се примени позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на отворените билатерални прашања.

– И покрај предизвиците со кои се соочува Унијата, како и самиот процес на проширување, на Република Македонија, како и на целиот регион на Југоисточна Европа им е потребна забрзана интеграција во Европската унија, затоа што тоа е најдобриот начин за целосно консолидирање на регионот, со што пак, ќе се консолидира и Европската унија, истакнал претседателот Иванов.

Во контекст на предизвиците поврзани со мигрантската и бегалската криза, претседателот Иванов потенцира дека Република Македонија се залага за сеопшто европско решение, што ќе опфаќа заеднички критериуми за справување со мигрантската криза. Во таа насока, соговорниците констатирале дека е потребна итна координирана и синхронизирана акција на сите засегнати држави.

Македонскиот претседател истакнал дека Република Македонија ги презема сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност, притоа имајќи ја предвид обврската за хуман третман на бегалците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top