| четврток, 6 декември 2018 |

Бегалски кампови нема да дозволиме: На Македонија ѝ е потребна помош за да ви помогне вам

Потребен ни е заеднички пристап за справување со мигрантската криза и намалување на безбедносните ризици преку јасно разграничување меѓу правниот и хуманитарниот, политичкиот, економскиот, социјалниот и безбедносниот аспект на кризата, порача претседателот Иванов во своето обраќање на Состанокот на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации за големи движења на бегалци и мигранти. 

 

Ја презедовме одговорноста да бидеме чувар на портите на Европа. Распоредувањето на Армијата за поддршка на полицијата во заштита на границата резултира со затнување на движењето на илегалната миграција низ Балканскиот коридор, потенцираше македонскиот претседател, дополнувајќи дека ни е потребна ревизија на законите за учеството на Армијата во заштита на границите, домашната безбедност и контратероризмот. 

Но од друга страна, рече Иванов, иако се докажавме како стабилни партнери, нашата држава е сѐ уште без пристап до базите на податоци на ЕУ за внес и споредба на податоци на мигранти и странски терористички борци, со недостиг на разузнавачка соработка за размена на податоци, и  под негативна медиумска перцепција за спроведување на одлуките на самата Унијата. 

Сакам да упатам порака до Европската унија: На Македонија ѝ е потребна помош за да ви помогне Вам. Вие не можете да ги заштитите вашите надворешни граници ако прво не ги обезбедите коридорите долж државите кои се надвор од ЕУ. Македонија ќе делува во насока на заштита на националната безбедност. Какво било решение кое вклучува прием и сместување на мигранти и отворање на бегалски кампови во земји кои не се членки на ЕУ нема да биде одржливо и не смее да биде дозволено, нагласи Иванов.

Според него, предивиците на безбедноста на ЕУ се повеќе зависат од лидерството, политичката стабилност и кризниот менаџмент на владите на трети земји кои се главните точки за излез и влез на коридорите.

Заканата од илегална миграција е совршена алатка за не-воен притисок во менаџирањето со конфликти и кризи. Тоа се прави преку „извезување“ и насочување на мигрантите по патот до крајната дестинација.  Тоа доведе до сериозни тензии меѓу Европските држави. Затоа, нагласи Иванов, на ЕУ и се потребни стабилни и безбедни трети земји кои се на географска позиција да ги контролираат портите и да ги заштитат коридорите. 

 

Следните предизвици со коишто ќе се соочиме се во Мегаполисите и нивната различност. Толеранцијата на различноста мора да се замени со почит на различноста, заклучи македонскиот претседател во своето обраќање на Состанокот на високо ниво на Генералното собрание на ОН за големи движења на бегалци и мигранти. 

ivanov-obrakanje-eu-640x427

Состанокот се состои од пленарна дебата и 6 тркалезни маси. Претседателот Иванов се обрати на тема: „Меѓународна акција и соработка за бегалците и мигрантите и прашања поврзани со раселувањето: идни мерки“, на која учестуваа и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Полска, Анджеј Дуда, претседателот на Украина, Петро Порошенко, претседателот на Аргентина, Маурисио Макри, претседателот на Авганистан, Ашраф Гани, понатаму премиерите на Британија, на Австралија и на Норвешка, Тереза Меј, Малком Трнбул и Ерна Солберг,  кралот на Шпанија Филипе VI како и други шефови на држави и влади. 

На отворањето на Состанокот, генералниот секретар Бан Ки-Мун потпиша договор меѓу Обединетите Нации и  Меѓународната организација за миграција. 

На Состанокот на високо ниво на Генералното собрание на ОН за големи движења на бегалци и мигранти на која покрај шефовите на држави и влади, учествуваат и министри, претставници на ОН, на граѓанското општество, приватниот сектор, меѓународните организации, академските институции, но и пошироко, предвидено е да се усвојат Нацрт декларација /завршен документ, Сеопфатна рамка за одговор на бегалците и нацрт на Глобалниот договор за безбедна, уредба и редовна миграција. Целта на  лидерскиот самит е да се помогне на меѓународната заедница да даде подобар одговор на кризата и да се даде основа за зајакната колективна акција. 

На овој состанок учествуваа и две невладини организации од Македонија, „Бизнис конфедерација на Македонија“ и „Асоцијација за акција против насилство и трговија со луѓе“. 

Со Состанокот на високо ниво на Генералното собрание на ОН за големи движења на бегалци и мигранти, започна учеството на претседателот Иванов на 71. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк.  Македонскиот претседател денеска е предвидено да оствари средба со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск како и со други со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top