Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички на 30 септември во Скопје ќе организира спектакл. По повод 70-годишнината на клубот, гостин во метрополата ќе биде турскиот гигант Фенербахче, кој заврши како втор во Евролигата и чијшто член е поранешниот македонски репрезентативец Перо Антиќ. Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, изјави дека е задоволен што во Скопје ќе дојде гигант предводен од врвни имиња и од најтрофејниот тренер во Европа, Жељко Обрадовиќ.
– Денеска и официјално ја потврдуваме убавата вест – на 30 септември во 19 часот ќе се одржи натпреварот меѓу Работнички и Фенербахче. Доаѓа кошаркарски гигант во Скопје, шампионот на Турција и вицешампион на Европа. Ќе ги видиме најдобрите кошаркари во Европа, како и најуспешниот и најтрофеен тренер Жељко Обрадовиќ. Посебна благодарност до Перо Антиќ, без чијашто помош овој меч немаше да се одигра. Неговото влијание беше клучно, па така сакам да му се заблагодарам за тоа што го направи – изјави градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.
Свој збор на конференцијата имаше и тренерот Марин Докузовски, кој се надева дека салата ќе биде исполнета до последното место и Скопје ќе доживее кошаркарски спектакл, кој на некој начин ќе залечи дел од раните кои љубителите на кошарката ги добија од лошиот резултат на репрезентацијата во квалификациите за ЕП.
– Мене најлесно ќе ми биде против Фенербахче. Се наоѓаме во еден подготвителен период, за нас голема чест ќе биде што ќе играме против таков силен противник. Резултатот ќе биде во втор план. Голема работа е да дојде тука Фенер и да ги видиме сите врвни кошаркари. Се надевам дека салата ќе биде исполнета до последното место. После ова што се случува со нашата репрезентација, конечно ќе се случи убав момент за нашата кошарка – изјави Докузовски.
Дел од прославата во Скопје ќе бидат и навивачите на гостинскиот клуб кои изразиле барање да дојдат во нашата сала. Билетите за дуелот меѓу Работнички и Фенербахче ќе бидат пуштени во продажба утре, ќе се продаваат од продажната мрежа на МК Тикетс и ќе чинат 200 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.