| четврток, 6 декември 2018 |

Балканот ќе ја плаќа сметката на Блискиот Исток

Планот на Европската комисија да воведе такса при влезот на граѓаните од балканските држави во ЕУ е уште еден сигнал дека Европа не гледа на регионот како на составен дел од континентот и доказ повеќе дека проширувањето со нови членки веќе не е ниту меѓу среднорочните приоритети на елитниот бриселски клуб

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Во услови кога, пред сѐ поради „Брегзит“ и бегалската криза, Европската унија ќе мора темелно да се реструктурира економски и финансиски, а во исто време да се редефинира и идеолошки, односно политички, „бриселските елитисти“ ни покажуваат дека на нас гледаат, пред сѐ, како на потенцијални пополнувачи на буџетската дупка која ќе се појави со заминувањето на Велика Британија.

Во исто време ни испраќаат порака дека не само што нема да влеземе во клубот во наредните десетина години, туку дека како регион сме безбедносна закана што само по себе подразбира дека на нас не гледаат како на идни сограѓани, туку како на опасни криминалци, слични на членовите на ИСИС и на Ал Каеда кои секојдневно ги ловат по германските и по француските градови. Всушност, најтрагично е тоа што ЕУ и нејзините членки воопшто не размислуваат какви пораки им испраќаат на земјите како Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна Херцеговина. Граѓаните што токму европската импотентност и шурувањето со Слободан Милошевиќ ги однесе во војни на почетокот на деведесеттите години, при што беа убиени стотици илјади а неколку милиони беа раселени, сега ќе треба да ѝ плаќаат на ЕУ за влез.

Според бриселските медиуми што ги пренесуваат плановите на европските бирократи, целта не се меѓу 500 милиони и една милијарди евра што би биле прибрани со операцијата која слободно може да се нарече „Балканска казна“, туку целта е ЕУ да се обезбеди од туристите од регионот кои, според Европол, се опасни за европската безбедност. Колку овој план е спротивен на европските принципи за слободно и бесплатно движење на капиталот, стоката и на луѓето може да се види од сугестиите што доаѓаат од Брисел кога се работи за регионалните комуникации. Европската унија со години инсистира да се олесни патувањето меѓу Македонија и Албанија, меѓу Србија и Хрватска, меѓу Косово и Србија, меѓу сите земји во регионот. Благодарение на инсистирањето на Брисел, на Балканот голем број земји овозможуваат патување преку граница само со лична карта, а во исто време ЕУ става ѕид за целиот регион.

 

Посебна тарифа за посета на остатоците од Берлинскиот ѕид

Според планот, парите, кои се движат меѓу 10 и 13 евра по човек, ќе треба да ги уплатува секој балкански турист или бизнисмен при влезот во ЕУ за да се покријат трошоците за проверка на документите и на идентитетот на балканските патници. Практично, секој Балканец при влезот во ЕУ ќе мора да добие безбедносен сертификат според кој тој не е опасен за безбедноста на Унијата. А пред воопшто да се дојде во ситуација да се плати тарифата, Балканците ќе мора да се најават дека ќе патуваат, и тоа најмалку од 48 до 72 часа пред влезот во ЕУ. Тоа значи дека ако некој партнер во ЕУ ви закаже средба задутре, таа ќе мора да биде одложена. Без разлика дали претходно сте влегувале во ЕУ со години без да направите некаков проблем, сега европските служби повторно ќе ве проверуваат дали можеби сте се помочале на остатоците од Берлинскиот ѕид, кој сега во виртуелна и во финансиска форма го креваат, не Русија и ДДР, тие на кои устите им се преполни со фрази со кои го нарекуваат ѕидот што го урна Хелмут Кол најголема грешка во Европа по Втората светска војна.

 

Дупки во безбедноста

Немоќната ЕУ е во ситуација во која, не можејќи да се справи со тероризмот во својот двор, се обидува на кој било начин пред јавноста да покаже дека се грижи за безбедноста на своите граѓани. И оттука за нив не е важно што годинава на земјите-членки, и тоа на Франција, Белгија и на Германија, им се случија напади во кои учествуваа и голем број европски граѓани што, патем, во многу случаи биле дел од проверките на безбедносните служби. Не е важно ни што меѓу сите напаѓачи во Париз, Брисел, Минхен немаше ниту еден балкански граѓанин. Колку планот е наивен од безбедносен аспект може да заклучи секој што ги следи трендовите во тероризмот. Со овој систем, доколку биде воведен, само ќе се наведат ИСИС и другите терористички мрежи да се фокусираат на лица што немаат криминални досиеја, кои речиси се невидливи за безбедносните служби и кои, откако ќе добијат безбедносен сертификат во ЕУ, ќе можат без никаков проблем да ги спроведуваат своите мрачни сценарија. Во Брисел сега никој не размислува дека по само еден инцидент или терористички напад во кој ќе учествува „проверен Балканец“, ЕУ ќе мора повторно да го промени целиот систем и веројатно до новото „интелигентно“ решение да го блокира целиот систем за влез на Балканците во Унијата. Што, можеби, е и крајната цел на „најдемократската асоцијација на држави во историјата на светот“.

 

За ЕУ ќар, за Балканот зијан

За разлика од буџетот на ЕУ, кој со остварување на планот ќе се пополни со стотици милиони или можеби и со над милијарда евра, за земјите од Балканот трошоците за патување и за водење бизнис ќе пораснат значително. Покрај таксата, која за едно семејство ќе изнесува над 50 евра (сѐ уште не се знае дали ќе биде по влез или за цела година), ќе поскапат и авиобилетите затоа што во очекување на сертификатот од ЕУ нема да можете да купите порано билет, што, секако, добро ќе им дојде на авиокомпаниите од кои најголем дел се европски. Посебна приказна е цената од 10 до 13 евра што треба да ја плати секој што сака да патува во ЕУ. Како и сега, проверката на секој патник ќе се врши преку заедничката база на податоци на ЕУ во која проверката трае не повеќе од една минута, но сега за тоа не се плаќа. Зошто во иднина, дури и да се промени процедурата дури и да се изгради нова база на податоци за балканските граѓани, ЕУ треба да собира стотици милиони евра за нешто што кој било европски, а не пак балкански, софтвер контрактор би го направил за стотина илјади евра.

 

ЕУ учи од Велика Британија

За разлика од ЕУ која досега, навистина, овозможуваше слободен и бесплатен влез за земјите-кандидати, Велика Британија не само што не даде визна либерализација, туку до небеса ги крена цените за визи. Уште пострашно е тоа што дискрециското право за одлуката дали ќе добиете виза не може да се обжали со ниту една жалба, а парите што сте ги дале нема да ви се вратат кога сте одбиени, што е случај во огромен процент од барањата за виза. Па, така едно четиричлено семејство за британски визи треба да даде над 700 евра, а визата најчесто трае до 6 месеци. Во споредба со Велика Британија, Европската унија е повеќе од фер кога се работи за финансиските аспекти на проблемот, но, сепак, останува горчина од пораката дека ни цели 7 години откако Македонија и другите земји во регионот добија визна либерализација, нашите партнери во ЕУ не ни веруваат дека сме достојни барем слободно да патуваме кај нив кога веќе не можеме да бидеме политички и економски на исто ниво.

(Текст објавен во 211. број на неделникот Република, 16.09.2016)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top