| четврток, 6 декември 2018 |

Никола Јанкуловски ја презеде функцијата ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Немам лесна и едноставна задача. Напротив, имам голема обврска да го продолжам патот на моите претходници во одржувањето на автономијата и јакнењето на Универзитетот. Тој пат ќе биде вистински и без препреки само ако го одиме заедно, само ако сите се заложиме да продолжиме да го надградуваме и унапредуваме Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како автономен современ универзитет, истакна Никола Јанкуловски, кој денеска беше инаугуриран во 23-ти ректор на УКИМ.

Ден пред почетокот на новата академска 2016/2017 година, Јанкуловски ја презеде функцијата за периодот 2016-2020. Нагласи дека преземајќи ја должноста ректор на Скопскиот универзитет е свесен дека презема мандат и голема одговорност за перманентен развој на УКИМ кој како најстар и најголем универзитет треба да продолжи да дава значаен придонес во промоцијата на квалитетот на високото образование.

– Програмските развојни цели на УКИМ се бројни и исклучително значајни. Низата нерешени прашања во високото образование треба што поскоро да најдат соодветна разрешница. Убеден сум дека сите заедно можеме заеднички да работиме и само на тој начин да го направиме УКИМ подобар, посилен и значаен фактор во европскиот заеднички образовен и истражувачки простор кој перменентно ќе работи во насока на зајакнување на својата позиција како рамноправен и респектабилен член во европското и во светското академско окружување, рече Јанкуловски повикувајќи ги деканите и профсорите на конструктивна соработка во име на развојот и просперитетот на УКИМ.

Јанкуловски потпиша свечена изјава, заедно со четворицата нови проректори: за настава – Вуиса Живковиќ, за меѓународна соработка Гордана Јосифова-Неделковска, за финансии, инвестиции и развој – Билјана Ангелова и за наука – Владимир Петрушевски.

Новиот ректор ја презеде должноста од досегашниот, Велимир Стојковски, кој беше на чело на УКИМ  во два мандата од 2008 до 2016 година. Стојковски му ги предаде на својот наследник ректорските инсигнии и нему и на новите проректори кои беа избрани од Сенатот  честитајќи им, им посака две работи:

– Многу здравје и многу енергија, коишто ќе им бидат неопходни за другите две, а тоа е многу мудрост и многу трпение. Се надевам дека ќе направат повеќе отколку што направивме ние, затоа што само ако нашите наследници прават повеќе, само така можеме да одиме напред, рече Стојковски, кој пред свеченото примопредавање на должноста информираше за најзначајните остварувања на УКИМ во изминатите осум години додека тој го предводеше универзитетот.

Воведени се 180 нови студиски програми, а иновирани се 520, доделени се 1765 стипендии за бруцоши, 46 стипендии за студентите со послаба материјално-финансиска состојба, реализирани се 103 меѓународни проекти финансирани од фондовите од Европската комисија и 159 научно-истражувачки проекти финансирани од УКИМ. Од 2008 до 2016 се потпишани 229 договори за меѓународна сорабнотка и мобилност, а УКИМ има соработка со 35 универзитети кои се рангирани меѓу првите 500 во светот.

– На Универзитетот во овој период беа спроведени две надворешни евалуации од страна на Европската асоцијација на универзитетите во Брисел. Особено ме радува тоа што во двата извештаја Универзитетот е оценет со највисоки оценки. Тоа е признание со кое сите треба да се гордееме, рече досегашниот ректор Стојковски.

Никола Јанкуловски, кој во наредните четири години ќе раководи со Скопскиот универзитет, беше декан на Медицинскиот факултет до изборот за ректор на 27 јуни годинава. Тој е абдоминален хирург и на факултетот го предаваше предметот Хирургија.

Од септември 2007 до април 2009 година бил директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија. Добитник е на наградата „Св. Климент Охридски“ од областа на здравството во 2013 година и наградата „11 Октомври“ во 2015 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top