Двајца малолетници на возраст од 16 и 17 години се повредени од струен удар на Железничката станица во Куманово. Како што соопшти МВР, настанот се случил синоќа околу 23.00 часот на Железничката станица, кога двајцата малолетници се качиле на товарниот воз (вагонконтејнер), кој бил во мирување за да се сликаат над контејнерот.
Притоа, во еден момент 16годишникот од Куманово остварил физички контакт со електричниот проводник над возот при што се здобил со изгореници во делот на грбот, левата нога и стомакот. Седуманесетгодишникот од с.Отља, општина Липково, во тој момент скокнал од вагонот и се здобил со телесни повреди, наведуваат од МВР.
По настанот, на 16годишниот малолетник, му била укажана лекарска помош во Медицински центар Куманово, по што бил пренесен во Одделот за изгореници во градска болница Св.Наум во Скопје. Седуманесетгодишникот, пак, бил задржан во Хируршко одделение во Медицинскиот центар Куманово за понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Куманово.
Поради инцидентот железничкиот сообраќај синоќа бил во прекин од 23.00 часот до 2.00 часот изутринава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.