На секој пообилен дожд во Скопје полицијата добива по 3 до 4 пријави од граѓани кои биле испрскани од дождовница поради брзо и несовесно возење на возачите, анализира „Дневник“.
Дрскоста на возачите кон пешаците кога врне се` уште е масовна и оваа појава ниту се намалува ниту се искоренува. Особено што и казнувањето за овој прекршок е комплицирано, односно и полицаецот мора на самото место да го види прскањето на пешакот за да ја изрече пропишаната казна.
Според член 124 став 2 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата, возач кој се движи со возило по коловоз на кој има вода е должен да го приспособи возењето така што да не ги прска пешаците, возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли, лесни четирицикли и четирицикли. Мандатен платен налог со глоба во износ од 35 евра во денарска противредност во мандатна постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода на возачот кој постапува спротивно на одредбите.
– Овој прекршок мора да го констатира полициски службеник на лице место или возачот што го испрскал пријавителот да го признае прекршокот. Овие денови откако врнат дождови нема пристигнато ниту една пријава за испрскани граѓани. Од искуствата на нашите колеги во претходните периоди и години при вакви обилни дождови сме имале од 3 до 4 пријави дневно – објасни Лиза Бендевска, портпарол во СВР-Скопје.
Таа не прецизира дали се пронајдени сторителите и колку вакви казни се изречени во оваа година.
Може да пријавите прскање од несовесен возач на телефонскиот број 192. Повеќе тука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.